Husamedin Gina
24 Март 2022•Ажурирај: 25 Март 2022
СКОПЈЕ (АА) – Претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери, денеска одржа средба со претставниците на медиумите на која информира за тековните и идните активности на Собранието, јавува Агенција Анадолија (АА).
На новинарско прашање дали е одреден датум за расправа за Измените и дополнувањата на Изборниот законик со кој се предвидува воведување една изборна единица, претседателот Талат Џафери, истакнувајќи дека не е определен термин за седница, рече дека заклучокот од пред два дена на Комисијата за политички систем треба да дојде на пленарна седница на Парламентот.
На таа седница, Собранието треба да потврди дека за ваков закон од општ интерес како што е Изборниот законик е потребна јавна дискусија. Потоа предлог-законското решение треба да се објави во пишан медиум со повик, заинтересираните страни, како што се експерти, здруженија, политичка партии да дадат свое мислење по повод предлог-законот.
Со измените на Изборниот законик, како што се наведува во образложението на текстот на законот, целата територија на државата би била една изборна единица со отсуство на изборен праг, овозможувајќи и на помалите политички партии, како и на партиите на помалите етнички заедници, да го остварат своето право на претставување.
Претседателот Џафери, на денешниот брифинг, врз основа на текст објавен на еден портал за работата на Собранието и исплатените хонорари за пратениците, објави статистика на одржаните седници и донесените закони.
Според собраниската статистика, Парламентот на Северна Македонија, од 25.6.2011 година до 5.3.2014 година има одржано вкупно 87 седници и работел 1.975 часа.
Во истиот период донесени се вкупно 794 закони, а за исплатени надоместоци на пратениците на годишно ниво по однос на нивно присуство на седници и комисии исплатени се 140 милиони денари.
Во периодот од 10.5.2014 до 17.10.2016 година одржани се 125 седници, на кои се донесени вкупно 1.069 закони, а за пратеничките надоместоци потрошени се 193 милиони денари.
Според Кабинетот на претседателот на Собранието, во периодот од 30.12.2016 година до 1.12.2019 одржани се 126 седници, донесени се 449 закони, а пратеничките надоместоци се 97 милиони денари.
Во последниот период, од 4.8.2020 до 21.3.2022 година, одржани се 68 седници, донесени се вкупно 265 закони, а пратеничките надоместоци се 33,5 милиони денари.