политика

Премиерот Заев и амбасадорката Техада потпишаа меморандум за изборни реформи

„Основната цел на програмата е спроведување на демократски и кредибилни избори кои ќе овозможат политичко учество на гласачите преку избор на нивните претставници од кои ќе се бара понатаму и отчетност...“

Abdula Berisha  | 25.11.2019 - Обновена : 26.11.2019
Премиерот Заев и амбасадорката Техада потпишаа меморандум за изборни реформи Фото: Abdula Berisha/АА

СКОПЈЕ (АА) - Владата на Република Северна Македонија и Швајцарската амбасада во Скопје потпишаа меморандум за соработка за програмата „Поддршка на изборните реформи во Северна Македонија“, програма која е поддржана од Швајцарската агенција за развој и соработка, јавува Агенција Анадолија (AA).

Меморандумот го потпишаа премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев и амбасадорката на Швајцарија, Сибил Зутер Техада.

На заедничката прес-конференција Заев рече дека приоритет на Владата се реформите во изборните процеси во согласност со демократските принципи, додавајќи дека поддршката од швајцарската Влада е важна и инклузивна.

„Основната цел на програмата е спроведување на демократски и кредибилни избори кои ќе овозможат политичко учество на гласачите преку избор на нивните претставници од кои ќе се бара понатаму и отчетност. Конкретно, програмата треба да резултира со зајакнати институции кои спроведуваат фер и ефикасни изборни процеси. Исто така, фокусот ќе биде на внатрешно демократизирани политички партии, чии политики и изборни програми треба да бидат ориентирани кон граѓаните и нивните потреби“, истакна Заев.

Премиерот на Северна Македонија исто така рече дека со оваа програма се предвидува подобра едукација и информираност на граѓаните за да бараат отчетност од политичките партии и избраните функционери.

Заев нагласи дека е отворен за дискусија за промена на Изборниот законик, додавајќи дека е за отворени листи, како и за една изборна единица. Меѓутоа, тој истакна дека ова зависи од сите политички партии.

Според актуелниот изборен систем, 120-те пратеници на Собранието на Република Северна Македонија се избираат од 6 изборни единици со по 20 пратеници.

Амбасадорката Техада рече дека ова е голема поддршка за процесот на демократизација во Северна Македонија, додавајќи дека тој ќе трае 10 години и ќе чини 12 милиони швајцарски франци (околу 11 милиони евра).

„Ние велиме дека демократските избори се клучни за демократизација на една земја. Но што вклучува ова? Тоа вклучува зајакнување на институциите што се занимаваат со изборите. Тоа се Државната изборна комисија, локалните изборни комисии и ова е исто така поддршка за демократизација на политичките партии. Ние сакаме политичките партии да се отчетни кон граѓаните и нивните гласачи“, рече Техада.

Швајцарската амбасадорка исто така истакна дека оваа програма не треба да се поврзува само со предвремените парламентарни избори во Северна Македонија, кои се предвидени за 12 април следната година.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.