Bilal Müftüoğlu
25 Мај 2016•Ажурирај: 26 Мај 2016
ПАРИЗ (АА) - Министрите за надворешни работи од балканските држави се состанаа во Париз, на заеднички подготвителен состанок по повод самитот, кој ќе се одржи во месец јули, под покровителство на претседателот на Франција, јавува Anadoly Agency (AA).
На состанокот, организиран од страна на францускиот министер за надворешни работи, Жан-Марк Ајро, освен министрите за надворешни работи на Македонија, Албанија, Косово, Србија, Црна Гора, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, присуствуваше и државниот министер на Франција задолжен за Европски прашања, Харлем Десир.
Како високи претставници од Европската Унија (ЕУ), на состанокот учествуваа Комесарот Јоханес Хан, задолжен за проширување и соседска политика во ЕУ, Ален Ле Рој, генерален секретар на Европската служба за надворешни работи, како и амбасадорите на Германија, Италија и Австрија во Франција.
По заедничко фотографирање, Ајро, во своето кратко обраќање на претставниците на медиумите им изјави дека фактот што Франција за прв пат е домаќин на сите балкански лидери, самото по себе привлекува внимание.
Според Ајро, самитот во Париз, ќе претставува продолжение на состаноците во рамките на процесот за зголемување на меѓусебната соработка на балканските држави, кој започна во Словенија во 2013 година со сесијата Брдо-Бриони, по која следуваа состаноците во Берлин и Виена.
Според Ајро, енергетската инфраструктура и регионалната соработка во областа на транспортот, вклучувајќи ги и темите за младите на Балканот, ќе претставуваат главни елементи на дискусијата за време на состанокот.
Аjро ја истакна младината како надеж за Балканот и ја истакна за потребата од сè поголемо инволвирање на балканските држави во заеднички проекти за поддршка од ЕУ, во рамките на „позитивната програма за балканската младина”.
Аjро, исто така, го објави отварањето на една „регионална партнерска Канцеларија” за балканските држави, по примерот на партнерскиот модел помеѓу Франција и Германија, при тоа потенцирајќи дека взаемната соработка претставува единствената врата кон излезот за балканските држави.
„Веруваме дека прашањата како што се мигрантскиот проток и тероризмот, ќе наидат на точни одговори преку заедничко решение на ниво на ЕУ”, рече Ајро, сакајќи да потсети на балканската соработка за протокот на бегалците, откако државите првенствено самостојно делуваа.
Според Ајро, соработката меѓу балканските држави ќе го олесни и ќе го забрза и пристапниот процес на истите кон ЕУ.