Bojana Stojanovic
17 Февруари 2017•Ажурирај: 17 Февруари 2017
БЕЛГРАД (АА) - Премиерот на Србија, Александар Вучиќ денес изјави дека е секогаш подготвен за соработка со актуелниот претседател на Србија, Томислав Николиќ, и пред и по претседателските избори, јавува Anadolu Agency (АА).
Запрашан дали од Николиќ добил писмо со барање Николиќ да стане премиер и да ја преземе Српската напредна партија (СНП), Вучиќ на новинарите во Белград им одговори дека не сака речиси ништо да коментира кога станува збор за дневно-политичките прашања.
„Особено не сакам да се занимавам со озборувања, полувистини и вистини. Од мене ќе слушнете секогаш само пристојни зборови за претседателот, што и да сторил тој, и јас сум секогаш подготвен да работам и на соработката со него, и пред и по овие избори“, изјави Вучиќ.
По повод седницата на Главниот одбор на СНП, која ќе биде одржана подоцна во текот на денот, а на која би требало да се одлучи за едногласниот предлог на Претседалството на СНП Вучиќ да биде претседателски кандидат, лидерот на СНП изјави дека и пред таа парија има многу предизвици и проблеми.
„Како светот да се сруши на нашата глава и како да е најважно ние да изгубиме на изборите, што е многу веројатно, но ќе сториме сѐ за да победиме“, додаде Вучиќ.
Според неговите зборови, со тие работи ќе се занимава кога ќе го испрати канцеларот на Австрија, Кристијан Керн, кој е во посета на Србија.
„Мојата работа е да се грижам за граѓаните на Србија и за нивните потреби, а не со своите проблеми. Кога ќе си замине Кристијан и кога ќе бидам задоволен со фактот дека сум бил добар домаќин во Србија, тогаш ќе морам да се посветам на решавањето на други работи“, наведе Вучиќ.
Поддршка за кандидатурата на Вучиќ за претседател на Србија вчера дадоа сите 185 членови на Одборот на СНП, а српските медиуми пишуваат дека и покрај можната кандидатура на Вучиќ, на претседателските избори повторно ќе се кандидира и Николиќ.