Eshat Fırat
25 Април 2017•Ажурирај: 26 Април 2017
РАМАЛА (АА) - Премиерот на Палестина, Рами Хамдала, упати апел до германската Влада да изврши притисок врз Израел околу исполнувањето на барањата на палестинските затвореници, јавува Anadolu Agency (AA).
Палестинскиот премиер Хамдала даде писмена изјава по неговата средба со германскиот министер за надворешни работи, Зигмар Габриел, во Рамала, град на Западниот Брег.
Хамдала апелираше до Германија и до меѓународната заедница да изврши притисок врз Израел околу исполнувањето на барањата на палестинските затвореници во израелските затвори. „Палестинските затвореници со штрајкот со глад имаа цел да ги подобрат само хуманитарните услови. Палестинските затвореници своите барања ги поставиле во рамките на меѓународните закони и договори против произволните практики и прекршувања од страна на Израел“, вели тој во изјавата.
Се очекува Габриел денес да се сретне со претседателот на Израел, Рувен Ривлин.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху истакна дека доколку германскиот министер за надворешни работи, Габриел, ги посети невладините организации за човекови права во Израел, како „Breaking the Silence“ и „B'tselem“, нема да се сретне со него.
Габриел соопштил дека нема да ги откаже своите средби со невладините организации за човекови права во Израел, и нагласи дека откажувањето на средбите од страна на Нетанјаху би било штета.
Се очекува дека откажувањето на средбата на Нетанјаху со германскиот министер ќе ги влоши тензиите меѓу двете земји, со оглед на тоа што Германија е најблискиот сојузник на Израел во Европа.
Околу 2.000 Палестинци во израелските затвори минатата недела започнаа штрајк со глад, со цел да се стави крај на произволните практики и прекршувања на Израел, како и за да се подобрат условите во затворите.
Според еден извештај на организациите, меѓу кои и Комитетот на палестинските затвореници, во израелските затвори се наоѓаат околу 7.000 Палестинци, меѓу кои 481 затвореник од Источен Ерусалим, 57 жени и 300 деца.