СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, претседаваше со завршниот состанок на Партнерската комисија на иницијативата САД-Јадранската повелба (А5), јавува Анадолу.
Северна Македонија годинава претседаваше со иницијативата А5, додека Албанија е следниот претседавач од 1 јануари следната година.
Пред почетокот на завршниот состанок, министерот Османи одржа заедничка прес-конференција со неговиот колега од Албанија, Игли Хасани.
Османи истакна дека Северна Македонија претседавала со иницијативата во тежок геополитички контекст, нагласувајќи дека е важно да се мобилизираат капацитетите на оваа платформа.
Тој рече дека за време на претседавањето, Северна Македонија се фокусирала на иднината на платформата, додавајќи дека во голема мера платформата ги постигнала своите цели со членството на Северна Македонија, Албанија и Хрватска во НАТО.
„Сега, кои се следните предизвици? Зајакнување на политичкиот мандат на оваа иницијатива, и затоа предложивме декларација која ќе биде основа на стратешки концепт за следната деценија за А5. Како до подобра координација меѓу земјите членки на А5 во НАТО? На пример, имаме редовни состаноци пред секој министерски состанок на НАТО, за создавање заеднички позиции со цел создавање регионална синергија во НАТО“, рече Османи.
Тој додаде дека иницијативата е фокусирана и на помагање на земјите од регионот кои имаат аспирации за членство во НАТО, нагласувајќи дека е важно оваа платформа да се осврне и на безбедносните прашања во регионот.
„Не можеме а да не зборуваме за насилниот напад во Бањска на северот на Косово од страна на српските паравоени структури кои можат да бидат извор на дестабилизација во регионот. Затоа, многу е важно сторителите да бидат идентификувани, но и да одговорат за направените дејствија“, рече Османи.
- „Нашиот регион заслужува мир“
Шефот на албанската дипломација, Игли Хасани, го оцени како „многу успешно“ претседавањето на Северна Македонија со платформата САД-Јадранската повелба (А5), додавајќи дека оваа иницијатива им служи на напорите за целосна евроатланска интеграција на земјите од регионот.
„Го поддржавме концептот на Северна Македонија за ревитализација на А5 и имаме намера да го унапредуваме понатаму за време на нашето претседавање следната година. Исто така, ќе се обидеме да ја прилагодиме Повелбата за најдобро да ни служи во зајакнувањето на нашите заеднички одговорности за тековните безбедносни закани и предизвици“, рече Хасани.
Тој изјави дека на регионот му треба континуирано внимание и активен ангажман на НАТО и ЕУ, додавајќи дека Албанија е целосно решена да промовирање на мирот и стабилноста, како и за унапредување на соработката во Западен Балкан.
„Нашиот регион заслужува мир, стабилност и соработка за најдобра можна заедничка иднина и на најсилен можен начин го осудуваме терористичкиот напад на 24 септември во Бањска, во Звечан, од страна на српските паравојници против косовската полиција и цврсто бараме од оркестраторите и авторите за овој напад да одговараат пред законот“, рече Хасани.
Тој исто така изјави дека за време на претседавањето со А5, Албанија ќе се заложи за членство на Косово во Јадранската повелба.
САД - Јадранската повелба (А-5) е иницијатива во која учествуваат САД, Северна Македонија, Албанија, Хрватска, Црна Гора и Босна и Херцеговина, додека земји набљудувачи се Словенија, Србија и Косово.
Иницијативата беше формализирана во мај 2003 година кога Северна Македонија, Албанија, Хрватска и САД ја потпишаа Јадранската повелба, која имаше цел прием на трите тогашни земји аспиранти во НАТО.
Црна Гора и Босна и Херцеговина официјално ѝ се приклучија на Јадранската повелба во 2008 година.
news_share_descriptionsubscription_contact
