Husamedin Gina
04 Јануари 2021•Ажурирај: 05 Јануари 2021
СКОПЈЕ (АА) – Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, денеска ја промовираше новата иницијатива „Преспа форум-дијалог“, платформа наменета за да ги заштити и промовира придобивките на трите политички договори, Охридскиот, Договорот со Бугарија и Договорот од Преспа, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот Османи денеска на прес-конференција се осврна на регионалните иницијативи што произлегуваат од неговата мандатна мисија.
Истакнувајќи дека „Преспа форум-дијалог“ се планира да се имплементира оваа година, Османи рече дека целта на Форумот е да прерасне во своевиден политички бренд со кој нашата држава ќе биде препознаена на меѓународен план.
Според Османи, иницијативата „Преспа форум-дијалог“ е платформа наменета за да ги заштити, промовира и да ги канализира придобивките и значењето на трите политички договори, Охридскиот рамковен договор, Договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу Македонија и Бугарија и Договорот од Преспа.
„Целта на Преспа форум-дијалог е да стане платформа или место за градење на мостови, култура на пријателство и доверба за помирување помеѓу народите, заемно разбирање и соработка, зближување и надминување на стереотипите“, нагласи министерот Османи.
Во рамките на „Преспа форум-дијалог“, како што рече Османи, во текот на целата година ќе се организираат помали настани, додека главниот настан на годишно ниво ќе биде во форма на меѓународна конференција, и ќе се одржи во јуни 2021 година во Охрид, на која ќе бидат поканети политички претставници на највисоко ниво.
Одговарајќи на новинарското прашање „Што очекува од португалското претседавање со Советот на ЕУ“, министерот Османи истакна дека има позитивни очекувања и од португалското претседавање кога е во прашање усвојувањето на преговарачката рамка за Македонија.
„Очекувам Германија да продолжи со својот ангажман и во текот на португалското претседателство, меѓутоа и според првите контакти коишто ги имаме со португалското претседателство има сериозна намера да се ангажира да се продолжи таму каде што остави германското претседателство и што побрзо да се најде решение за разликите, со цел да се одржи првата меѓувладина конференција, односно да се усвои преговарачката рамка“, рече Бујар Османи.