политика

Министерот Османи поднесе извештај за остварувањето на надворешната политика на Северна Македонија

„Гледано од денешниот агол и однесувањето на нашиот сосед Бугарија, оваа амбиција не влева оптимизам, туку повеќе изгледа утопистичка и неостварлива. Но ве уверувам, тоа не е така...“

Husamedin Gina  | 24.12.2020 - Обновена : 25.12.2020
Министерот Османи поднесе извештај за остварувањето на надворешната политика на Северна Македонија Фото: Husamedin Gina/AA

СКОПЈЕ (АА) – Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, истакна дека пандемијата и кризата ќе беа единствената точка по која ќе се паметеше 2020 година да не беше најважниот стратешки интерес на земјата - членството во НАТО, јавува Агенција Анадолија (АА).

Министерот Османи денеска на седницата на собраниската Комисија за надворешна политика поднесе извештај за остварувањето на надворешната политика и меѓународната положба на Република Северна Македонија.

Османи рече дека годината била исполнета со бројни предизвици, обременета со постојана криза, но и година исполнета со една од најзначајните успеси на земјата - членството во НАТО.

„Веројатно пандемијата и кризата ќе беа единствената точка по која ќе ја паметевме годината, да не беше остварувањето на генерацискиот сон уште од самата независност, најважниот стратешки интерес на земјата и предизвик на кој сите ние имаме работено - членството во НАТО“, нагласи Бујар Османи.

Османи, наведувајќи дека прв приоритет на неговата мандатна мисија како министер за надворешни работи биле добрососедските односи, рече дека поставил сериозна амбиција за отворање можности за длабоко и долгорочно пријателство со сите наши соседи.

„Гледано од денешниот агол и однесувањето на нашиот сосед Бугарија, оваа амбиција не влева оптимизам, туку повеќе изгледа утопистичка и неостварлива. Но ве уверувам, тоа не е така. Не случајно мојата прва официјална посета беше токму Софија, и оттогаш наваму комуникацијата меѓу министерствата за надворешни работи, воопшто меѓу двете држави, постојано се интензивира на повеќе нивоа“, истакна министерот Османи.

Од аспект на поширокиот меѓународен контекст, како што рече Османи, стратешкото партнерство со САД претставува еден од најважните столбови на нашата дипломатија, како нераскинлив дел од севкупната државна стратегија.

Според министерот, основата на тоа партнерство се заедничките интереси за стабилен, просперитетен и прозападен Балкан, целосно интегриран во мултилатералните организации на современиот свет.

Во извештајот, Османи, осврнувајќи се и на помошта пристигната во земјата за справување со кризата предизвикана од Ковид-19, рече дека покрај Европската Унија и САД, помошта практично пристигнала од сите страни на светот, како и од Турција, Јапонија и Кина.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.