Admir Fazlagikj
11 Декември 2016•Ажурирај: 12 Декември 2016
СКОПЈЕ (АА) - На вечерашната втора-прес конференција, Министерството за внатрешни работи соопшти дека изборниот ден помина мирно со мали инциденти, јавува Anadolu Agency (AA).
„Изборниот ден помина безбедно со мали инциденти", изјави Јордан Ламаноски, помошник министер за односи со јавност во МВР.
„За разлика од поранешните изборни циклуси може да се каже дека изборите поминаа многу помирно. Поднесени се неколку кривични пријави за поситни инциденти и повикани се во полициска станица неколку лица за пишување графити и оштетување предмети", истакна Ламаноски.
Тој нагласи дека во текот на изборниот ден полицијата интервенирала во повеќе наврати на пријави од ДИК и од граѓаните, како и од општинските изборни комитети најчесто за фотографирање избирачки ливчиња.
Ламановски информираше дека до 19 часот се затворени сите избирачки места со исклучок на едно во Кочани, каде што поради снемување електрична енергија гласањето ќе биде продолжено.
„Во неколку наврати до МВР стигнале и пријави за поткуп на гласачи и за организирано носење гласачи со возила на избирачки места, но во најголем дел од случаите, лицата не се фатени на лице место и се преземаат мерки за нивно откривање", истакна Ламаноски.