политика

Конститутивна седница на секторската работна група за локален и регионален развој

„Целта на овој проект е да се зголеми ефикасноста и ефективноста и јавната поддршка за локалното владеење. Имплементацијата ќе започне во 2020 година. Вкупниот буџет на проектот е планиран на 7.000.000 евра...“

Husamedin Gina  | 20.03.2019 - Обновена : 21.03.2019
Конститутивна седница на секторската работна група за локален и регионален развој

СКОПЈЕ (АА) – Конститутивна седница на Секторската работна група за локален и регионален развој во процесот на интеграција на Република Северна Македонија во Европската Унија се одржа денес во Скопје, јавува Anadolu Agency (AA).

Седницата ја отворија министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу, и претставникот на Делегацијата на Европската Унија (ЕУ), Никола Бертолини.

„Локалната самоуправа во политиките на евроинтегрирањето ќе станува позначајна“, рече министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу, додавајќи дека директен повод за формирање на оваа секторска група е одобрениот Проект-регионален и локален развој, којшто финансиски ќе биде поддржан и ќе се имплементира во рамки на ИПА II-инструментот на Европската Унија.

„Целта на овој проект е да се зголеми ефикасноста и ефективноста и јавната поддршка за локалното владеење. Имплементацијата ќе започне во 2020 година. Вкупниот буџет на проектот е планиран на 7.000.000 евра, од кои 6.000.000 евра се обезбедени од ИПА-инструментот. Со проектот ќе управува Делегацијата на Европската Унија во Скопје“, рече Фазлиу, нагласувајќи дека Министерството ќе го координира процесот преку оваа секторска група, во која членуваат претставници на надлежните институции, од донаторската и од експертската заедница, како и од граѓанскиот и од бизнис-секторот.

Во своето обраќање на првата седница на Секторската работна група за регионален развој, претставникот на Делегацијата на Европската Унија, Никола Бертолини, рече дека ова е десетта секторска работна група и дека ова е почетокот на долгиот пат кон ЕУ што ќе го водиме заедно.

„Триесет и седум проценти од нашата помош во моментот се троши на општинско ниво, т.е. во општините. Можете да замислите околу 170-180 милиони евра, во моментот поминуваат низ општините во проекти кои се големи по природа, големи инфраструктурни, но исто и мали, како што е граѓанското општество или некои други мали проекти во општините“, рече Бертолини, додавајќи дека процесот на пристапување кон ЕУ не е само во рацете на Владата, затоа има помош која поминува преку министерствата, а завршува на различни нивоа. 

Тој, исто така, нагласи дека проектите за него претставуваат дополнителни активности, чија цел е да го променат стандардниот начин на живот на граѓаните, а ако тоа не е така, според него, нема ни да се подготвуваат проекти. 


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.