политика

Заев: „Северна Македонија нема територијални претензии кон Бугарија“

По експозето за првите сто дена од новиот мандат, премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, одговараше на новинарски прашања

Husamedin Gina  | 14.12.2020 - Обновена : 15.12.2020
Заев: „Северна Македонија нема територијални претензии кон Бугарија“ Фото: Влада на РСМ

СКОПЈЕ (АА) – Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, истакна дека Северна Македонија нема територијални претензии кон Бугарија, и рече дека тоа се потврдува со тоа што Бугарија е избрана да го штити македонското небо, согласно НАТО-критериумите, а за тоа имале понуда и од пријателска Турција, јавува Агенција Анадолија (АА). 

Премиерот Зоран Заев даде отчет за првите сто дена од новиот мандат

По експозето за првите сто дена од новиот мандат, премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, заедно со првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, вицепремиерот за борба против корупција и криминал, за одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, и вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров, одговараа на новинарските прашања.

На новинарското прашање „Дали препознава каде погрешиле, затоа што премиерот на Бугарија, Бојко Борисов, упорно вината ја префрла во Скопје, кога станува збор за суверенитетот на Бугарија“, премиерот Зоран Заев рече дека Република Северна Македонија нема територијални претензии кон која било територија на Бугарија или која било соседна земја и ниеднаш не ја ни имала.

Заев нагласи дека со изборот Бугарија да биде втората земја којашто согласно НАТО-критериумите ќе го штити македонското небо, потврдиле дека немаат територијални претензии кон Бугарија.

„Имавме пријателска понуда и од пријателска Турција, од пријателска Италија. Италија го покрива албанското небо и црногорското небо, затоа понудија да го покриваат и македонското небо“, рече Заев.

Наведувајќи дека Турција е исто голем пријател на Република Северна Македонија, премиерот Заев додаде:

„Објаснивме дипломатски и пријателски затоа што покрај јужниот сосед Грција, ние имаме и друг сосед, кој е членка на НАТО. А тоа е соседот Бугарија, којшто притоа ги исполнува таквите услови. И тука нема никакви дилеми за територијални претензии, па дури и за какво било непријателство. Пренесуваме доверба голема спрема Бугарија.“

На новинарското прашање „Дали Владата има истражување за говорот на омраза во Бугарија“, премиерот Заев рече дека имаат направено и дека за жал, омразата е подигната од двете страни.

„Говорот на омраза, за жал, е подигнат од двете страни. И уште еднаш ја користам приликата да апелирам до сите. Ние сме прво кроток и добар народ и сме пријатели. Прво до нашите граѓани, дека должност ни е да градиме пријателства и заради сегашните и заради идните генерации“, рече Заев, додавајќи дека апелира и до граѓаните на пријателска Бугарија за воздржување од какви било провокации, заради тоа што на никому не му носат добро.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın