Husameddin Gina
29 Јануари 2019•Ажурирај: 29 Јануари 2019
СКОПЈЕ (AA) – Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска го прими во посета директорот на Директоратот за соседство и преговори за проширување на Европската комисија, Кристијан Даниелсон, кој, заедно со амбасадорот на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар, и со други претставници на мисијата во Скопје, учествуваа на состанокот на кој се презентираше актуелниот статус на процесот за интеграција на нашата земја во Европската Унија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението на Владата, по тет-а-тет средбата меѓу премиерот Заев и Кристијан Даниелсон се одржа и заедничкиот состанок со заменик-претседателот во Владата на РМ и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, со заменик-претседателот во Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, со министерката за правда, Рената Дескоска, со министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски и со министерот за надворешни работи, Никола Димитров, како членови на Владата на РМ најнепосредно задолжени за областите во кои се спроведуваат реформите кои Европската комисија ги посочи како приоритети за нашата земја во актуелниот извештаен период за напредокот на Република Македонија во евроинтеграцискиот процес.
Во своето обраќање, според соопштението на Владата, премиерот Заев нагласил дека поддршката на Европската комисија, институциите на Европската Унија, земјите членки на ЕУ, на соседите и на многу други лидери, била клучна за цврсто да се зачекори напред и да се врати Република Македонија на патот кон Европската Унија и НАТО, како и за стабилноста, кредибилитетот и просперитетот на државата.
„Имплементацијата на законите и практикувањето на вредностите во поделбата на власта, владеењето на правото и борбата против корупцијата ќе докажат дека во Македонија работите навистина суштински се менуваат и дека Македонија заслужува да ги започне преговорите во јуни 2019 година. Денес судството е далеку понезависно од политиката, медиумите се слободни и ја контролираат власта, институциите се потранспарентни и поблиски до граѓаните, полицијата ги заштитува правата на граѓаните, немаме повеќе незаконско прислушување, законот важи за сите, без разлика колку се моќни, а економијата почнува да расте“, нагласи премиерот Заев.
Директорот на Директоратот за соседство и преговори за проширување на Европската комисија, Кристијан Даниелсон, на состанокот истакна дека во име на Европската комисија уште еднаш ги пренесува честитките за историскиот Договор со Грција, и дека таа останува и понатаму максимално посветена на поддршката за Република Македонија во претстојниот период за да се оствари договореното минатата година, отворањето на поглавјата да започне во јуни оваа година.
„Убеден сум дека овие нови стандарди кои оваа Влада ги постави, ќе продолжат и ќе се засилат, а тоа ќе биде аргумент за Република Македонија да оди напред во интеграциите кон ЕУ кои долго беа замрзнати. Од нашите пријатели во ЕУ очекуваме само праведно и фер оценување засновано на резултати кое ќе ни даде шанса за успех, успех на целата држава и општество, но успех и за Западен Балкан и за Европската Унија. Република Македонија направи извонреден напредок и презеде смели чекори и отпочнувањето на преговорите за членство во јуни 2019 година ќе испрати силен сигнал до регионот на Западен Балкан, дека процесот на пристапување и понатаму е заснован на заслуги и резултати – ако земјата кандидат испорачува, тогаш и ЕУ испорачува“, рече Кристијан Даниелсон.
Во соопштението на Владата се вели дека Даниелсон нагласил и дека напредокот и посветеноста на Владата на РМ се видливи, и дека Европската комисија ќе продолжи со укажувањата и препораките, како што тоа го прават добрите пријатели, за да се остварат заедничките интереси на Република Македонијa и на ЕУ.