Zylfije Adem Jakupi
24 Јуни 2020•Ажурирај: 24 Јуни 2020
ПРИШТИНА (АА) - Владата на Косово по повод објавувањето на обвинението за воени злосторства против косовскиот претседател, Хашим Тачи, и лидерот на Демократската партија на Косово, Кадри Весели, соопшти дека никој не може да биде прогласен за виновен без правосилна судска одлука, пренесува Агенција Анадолија (AA).
Владата на Косово, како што се наведува во соопштението, како и сите граѓани на Косово, е известена денеска преку соопштението за јавноста дека Канцеларијата на Специјалниот обвинител поднела обвинение до Специјализираните комори против претседателот на Косово, Хашим Тачи, и претседателот на Демократската партија на Косово, Кадри Весели.
„Владата на Република Косово смета дека никој не може да биде прогласен за виновен без правосилна судска одлука. Владата на Република Косово ги повикува сите граѓани да покажат смиреност. Владата верува дека борбата на народот на Косово и Ослободителната војска на Косово беше праведна и ослободителна, и како таква ќе остане еден од најважните периоди во историјата на земјата“, се вели во соопштението на Владата.
Специјалното обвинителство до Специјализираните совети на Косово поднесе на испитување обвинение со десет точки во кои Хашим Тачи, Кадри Весели и други лица се товарат за низа злосторства против човештвото и воени злосторства, вклучително и убиства, присилно исчезнување на лица, прогон и тортура. Во обвинението се наведува дека Хашим Тачи, Кадри Весели и другите осомничени сносат кривична одговорност за речиси 100 убиства.
Специјализираните комори на Косово со седиште во Хаг имаат рок од шест месеци за да донесат одлука за потврдување на ова обвинение.