Zylfije Adem Jakupi
24 Јуни 2020•Ажурирај: 24 Јуни 2020
ПРИШТИНА (АА) - Претседателот на Косово, Хашим Тачи, по соопштувањето од Канцеларијата на специјалниот обвинител во врска со покренувањето обвинение против него за воени злосторства, го прекина патувањето во Вашингтон, каде што в сабота требаше да учествува на состанокот на делегациите на Косово и Србија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Како што е соопштено од косовското Претседателство, претседателот Тачи го прекинал службеното патување во Соединетите Американски Држави (САД), каде бил поканет да учествува на состанокот во рамките на процесот на дијалогот меѓу Косово и Србија.
„Што се однесува до откажувањето на официјалната посета на САД, Кабинетот на претседателот на Република Косово веќе ја извести Белата куќа“, се наведува во соопштението.
Во истовреме, специјалниот пратеник на американскиот претседател за дијалогот меѓу Косово и Србија, Ричард Гренел, на Твитер објави дека претседателот на Косово, Тачи, го откажал доаѓањето на состанокот во Белата куќа, закажан за сабота, 27 јуни.
Гренел наведе дека ја почитува неговата одлука да не учествува на состанокот додека не се решат правните прашања во врска со наводите од Канцеларијата на Специјалното обвинителство.
Гренел напиша и дека разговорот ќе се одржи со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и со премиерот на Косово, Авдулах Хоти.
Специјалното обвинителство до Специјализираните совети на Косово поднесе на испитување обвинение со десет точки во кои Хашим Тачи, Кадри Весели и други лица се товарат за низа злосторства против човештвото и воени злосторства, вклучително и убиства, присилно исчезнување на лица, прогон и тортура. Во обвинението се наведува дека Хашим Тачи, Кадри Весели и другите осомничени сносат кривична одговорност за речиси 100 убиства.