Zylfije Adem Jakupi
24 Јуни 2020•Ажурирај: 24 Јуни 2020
ПРИШТИНА (АА) - Поранешниот косовски премиер, Рамуш Харадинај, изјави дека верува во невиностa на претседателот Хашим Тачи и лидерот на Демократската партија на Косово, Кадри Весели, откако Специјалното обвинителство објави дека против нив подигнало обвинение за воени злосторства, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Харадинај на својот Фејсбук профил напиша дека „албанскиот народ на Косово со право се бореше за слобода, по жестокото угнетување на различните српски режими, кое траеше скоро еден век, а кулминацијата беше режимот на Милошевиќ.“
„Ослободителната војска на Косово водеше чиста војна, чиј резултат беше слободата и воспоставувањето на Република Косово. Веруваме во невиноста на претседателот Тачи, на претседателот Весели и на сите останати другари“, напиша Харадинај.
Харадинај, како еден од командантите на ОВК, двапати беше ослободен од обвиненијата за воени злосторства пред Хашкиот трибунал.
Специјалното обвинителство до Специјализираните совети на Косово поднесе на испитување обвинение со десет точки во кои Хашим Тачи, Кадри Весели и други лица се товарат за низа злосторства против човештвото и воени злосторства, вклучително и убиства, присилно исчезнување на лица, прогон и тортура.
„Во обвинението се наведува дека Хашим Тачи, Кадри Весели и другите осомничени во обвинението сносат кривична одговорност за речиси 100 убиства“, се наведува во соопштението на Специјализираните совети.
Понатаму се вели дека обвинението претставува исклучиво обвинение, дека е резултат на долготрајни истраги и го одразува уверувањето на обвинителството дека може да ги докаже вон разумното сомнение сите обвиненија содржани во него.
„Специјалниот обвинител сметаше дека е неопходно за обвиненијата да издаде јавно соопштение поради континуираните обиди на Тачи и Весели да ја опструираат работата на Специјализираните совети“, беше соопштено.