Zylfije Adem Jakupi
24 Јуни 2020•Ажурирај: 25 Јуни 2020
ПРИШТИНА (АА) - Специјалното обвинителство до Специјалниот суд во Хаг го поднесе на испитување обвинение со кое претседателот на Косово, Хашим Тачи, лидерот на Демократската партија на Косово, Кадри Весели, и други лица се товарат за низа злосторства против човештвото и воени злосторства, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Специјалното обвинителство до Специјализираните совети на Косово поднесе на испитување обвинение со десет точки во кои Хашим Тачи, Кадри Весели и други лица се товарат за низа злосторства против човештвото и воени злосторства, вклучително и убиства, присилно исчезнување на лица, прогон и тортура.
„Во обвинението се наведува дека Хашим Тачи, Кадри Весели и другите осомничени во обвинението сносат кривична одговорност за речиси 100 убиства. Жртви на кривичните дела од обвинението се стотици лица чиј идентитет е познат, меѓу кои има косовски Албанци, Срби, Роми и лица од други националности, како и политички противници“, се вели во соопштението на Специјализираните совети.
Понатаму се наведува дека обвинението претставува исклучиво обвинение, дека е резултат на долготрајни истраги и го одразува уверувањето на обвинителството дека може да ги докаже вон разумното сомнение сите обвиненија содржани во него.
Судијата на претходна постапка на Специјализираните совети на Косово моментално го испитува обвинението за да одлучи дали ќе го потврди. „Специјалниот обвинител сметаше дека е неопходно за обвиненијата да издаде јавно соопштение поради континуираните обиди на Тачи и Весели да ја опструираат работата на Специјализираните совети“, беше соопштено.
„Тачи и Весели, според наводите, сповеле тајна кампања за укинување на законот со кој Специјализираните совети се основани како суд, како и на други начини да ја опструираат работата на Судот, со цел да не бидат изведени пред лицето на правдата. Со ваквите постапки, Тачи и Весели покажаа дека нивните лични интереси се поважни од жртвите на нивните злосторства, принципите на правната држава и целиот народ на Косово“, се истакнува во соопштението.
Специјалното обвинителство првото обвинение го поднесе во февруари оваа година, а уште едно поднесе во април. Од јануари 2019 година, на испитување во Хаг се повикани над 200 поранешни припадници на Ослободителната војска на Косово, или во својство на осомничени или во својство на сведоци.
Специјализираните совети и Специјалното обвинителство на Косово се основани во согласност со меѓународниот договор ратификуван од Собранието на Косово, уставниот амандман и Законот за Специјализирани совети и Специјалното обвинителство на Косово. Тие се од привремен карактер со конкретен мандат и надлежност во постапките за злосторствата против човештвото, воени злосторства и други кривични дела според законите на Косово, кои се започнати или извршени во Косово во периодот од 1 јануари 1998 до 31 декември 2000 година, од страна на граѓани на Косово или Сојузна Република Југославија.
Специјализираните совети и Специјалното обвинителство се основани со цел да ги испитаат наводите од Извештајот на парламентарното собрание на Советот на Европа од 7 јануари 2011 година.
Седиштето на Специјализираните совети и Специјалното обвинителство на Косово е во Хаг, Холандија. Персоналот е интернационален, како и судиите, специјалниот обвинител и секретар.