Abdula Berisha
24 Јуни 2020•Ажурирај: 25 Јуни 2020
СКОПЈЕ
Демократската унија за интеграција (ДУИ) на митингот одржан во Преспа го претстави Насер Зибери како кандидат на оваа политичка партија за предвремените парламентарни избори, кој воедно е првиот кандидат Албанец за премиер на Северна Македонија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Предвремените парламентарни избори во Северна Македонија се закажани за 15 јули, а изборната кампања официјално започна денес.
Симболично, митингот се одржа на местото каде што беше потпишан Договорот од Преспа, од македонска страна, договор со кој се реши спорот за името меѓу Северна Македонија и Грција и се овозможи членство на земјата во НАТО и деблокирање на процесот за интеграција во ЕУ.
За време на митингот, што беше пренесуван во живо на социјалните медиуми, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, откривајќи го името на кандидатот, рече дека „сега отвораме ново поглавје“.
„Излеговме со идејата дека оваа земја може да биде раководена и управувана многу добро и од Албанец. Ние ниту сакавме да ја присвоиме, ниту да ја партизираме, а идејата излезе веќе 11 години“, рече Ахмети.
Кандидатот за премиер, Насер Зибери, во текот на својот говор рече дека е почестен од предлогот на ДУИ, додавајќи дека преку оваа идеја дополнително ќе ги факторизира Албанците во Северна Македонија.
„Реков да, затоа што верувам во идејата за прв албански премиер и исто така сум убеден дека оваа задача ќе ја претвориме во услуга за сите граѓани, пред сѐ Албанците, но и за другите заедници, без оглед на националноста, религијата, политичката или социјалната припадност“, рече тој.
Насер Зибери претходно бил избран за пратеник во Собранието на Северна Македонија како дел од Партијата за демократски просперитет (ППД) на изборите во 1990, 1994 и 1998 година.
Тој исто бил ангажиран и како вицепремиер и министер за труд и социјална политика од 1996 до 1998 година.
Покрај ДУИ, на изборите во Северна Македонија традиционално свој кандидат за премиер имаат и најголемите македонски партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.