Şerife Çetin
02 Февруари 2019•Ажурирај: 02 Февруари 2019
БУКУРЕШТ (АА) - „Развивање на соработката во стратешките области, како што се надворешната политика и безбедноста меѓу ЕУ и Турција би било корисно за двете страни“, истакна високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, јавува Anadolu Agency (AA).
Романскиот министер за надворешни работи, Теодор Мелескану, и Могерини, одржаа заедничка прес-конференција по завршувањето на дводневниот неформален состанок на министрите за надворешни работи (Gymnich) во Романија.
Могерини истакна дека прашањата за Сирија ќе бидат разгледани на состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ, кој ќе се одржи во Брисел во средината на овој месец. Таа, исто така, најави дека третата Бриселска конференција за Сирија ќе биде одржана меѓу 12-14 март.
„Конференцијата нема да биде само за хуманитарната помош“, истакна Могерини и додаде дека ќе се фокусира и на изнаоѓање политичко решение за ситуацијата во Сирија.
- „Развојот на соработката меѓу ЕУ и Турција би бил корисен“
Одговарајќи на новинарско прашање за тоа како претседателството на Романија со Советот на ЕУ ќе влијае врз односите со Турција, Могерини нагласи: „Претседателството на Романија ќе ни овозможи да се разбереме подобро со Турција, земја кандидат и земја партнер во регионот значаен за ЕУ“.
Могерини наведувајќи дека Турција и ЕУ имаат многу заеднички интереси, особено во областа на надворешната политика и безбедноста, истакна: „Развивање на соработката во стратешките области, како што се надворешната политика и безбедноста меѓу ЕУ и Турција би било корисно за двете страни“.
- „Сите страни мора да го почитуваат INF“
На прашањето во однос на тоа дека САД денес ќе се повлечат од Договорот за нуклеарни сили од среден домет (INF), Могерини истакна дека ЕУ во однос на темата добила информации од НАТО и дека Договорот обезбедува важен придонес за безбедноста на Европа.
„ЕУ очекува сите страни да го почитуваат и да го заштитат Договорот INF“, рече Могерини, истакнувајќи дека земјите на ЕУ не се страни на Договорот.
Могерени, исто така, наведе дека Европа никогаш не би посакала големите сили да се вратат на бојното поле и да имаат конфликти како и во минатото и дека иницијативите за контрола на војните се клучни за безбедноста на светот.
- „На листата за санкции во Венецуела може да се додадат нови имиња“
Могерини нагласи дека во моментот во Венецуела се воведени санкции за лицата одговорни за насилствата и повредите на демократските принципи. Според Могерини, минатата недела санкциите биле продолжени за една година.
„Министрите за надворешни работи разговараа и за можноста за додавање на нови имиња на листата за санкции во Венецуела, одговорни за насилствата и повредите на демократските принципи. Оваа можност не ја игнорираме“, изјави Могерини.