политика

Груби: „1.349 административни службеници ќе бидат сместени во 237 институции на РСМ“

„Во овој план нема само Албанци, туку и Македонци, и Роми и Турци и Срби и Бошњаци. Трансферот се врши преку систематизација на работникот, на работно место на исто ниво...“, појасни Груби

Admir Fazlagic  | 22.01.2021 - Обновена : 25.01.2021
Груби: „1.349 административни службеници ќе бидат сместени во 237 институции на РСМ“ Фото: Admir Fazlagic/AA

СКОПЈЕ (АА) - Започна постапката за прераспределба на 1.349 административни службеници кои ќе бидат сместени во 237 институции на Република Северна Македонија, информира првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, јавува Агенција Анадолија (АА).

На прес-конференцијата одржана во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, вицепремиерот Груби рече дека во духот на Рамковниот договор, правичната и соодветна застапеност, Владата на Република Северна Македонија на својата 40. седница го усвои планот за трансфер на административни службеници, вработени преку програмата К-5 во Министерството за политички систем.

Планот ги опфаќа вработените во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, кои засновале работен однос заклучно со 31 декември 2019 година.

Како што изјави вицепремиерот, во овој посебен административен процес работеле административни службеници од повеќе институции, од изготвувањето на законот, изготвувањето на планот до издавањето на одлуките и трансферот на овие службеници.

„1.349 службеници, меѓу нив претежно економисти и правници, но и кадар со средно образование, ќе бидат сместени во 237 институции, органи на државната и локалната самоуправа, но и во други државни органи основани во согласност со Уставот и законот, како и во институции од образованието, науката, здравството, културата, трудот, социјалната заштита и заштитата на децата, спортот“, изјави Груби.

Исто така, тој додаде дека освен во горенаведените, административните работници ќе бидат распоредени и во други институции од јавен интерес дефинирани со закон, организирани како агенции, фондови, јавни институции и јавни претпријатија основани од Република Северна Македонија, или од општините, од Градот Скопје, како и од општините во рамките на Градот Скопје.

„Во овој план нема само Албанци, туку и Македонци, и Роми и Турци и Срби и Бошњаци. Трансферот се врши преку систематизација на работникот, на работно место на исто ниво, соодветно на работното место за кое работникот ги исполнува општите и посебните услови утврдени со актот за систематизација на работните места во институцијата во која е пренесен. Врз основа на планот за распределба, институциите ја одобруваат одлуката за систематизација на вработените, додека раководните лица во институциите се должни да започнат постапка за усогласување на актите за систематизација на работните места во рок од 30 дена од одобрување на планот“, појасни Груби.

Меѓу другото, тој информира дека Министерството за финансии веќе дало целосна согласност за планот, додека Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) е должно да даде согласност во рок од 7 дена за промените во систематизацијата на институциите во кои се одвива трансферот на административните службеници.

Со спроведувањето на овој план, според вицепремиерот Груби, институциите во земјата ќе придонесат за понатамошна имплементација на Охридскиот рамковен договор и владината програма усвоена во Собранието на РСМ.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.