Husamedin Gina
10 Декември 2020•Ажурирај: 11 Декември 2020
СКОПЈЕ
По повод 10 декември- Меѓународниот ден на човековите права, денеска се одржа панел-дискусија на тема: „Права на припадниците на заедниците – состојба, трендови и предизвици“, во организација на Агенцијата за остварување на правата на заедниците во Република Северна Македонија, јавува Агенција Анадолија (АА).
На настанот се обратија Артан Груби, прв вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Мила Царовска, министерка за образование и наука, шефот на Делегацијата на ЕУ во Скопје, Дејвид Гир и италијанскиот експерт Алесандро Симони.
Вицепремиерот Артан Груби, осврнувајќи се на правата на припадниците на заедниците во земјата, рече дека луѓето и правата не ги гледа како статистика и дека бројките треба да бидат показатели дека ова општество е мултиетничко и мултирелигиозно.
Потсетувајќи дека Секретаријатот за имплементација на Охридскиот рамковен договор е унапреден во Министерство, вицепремиерот Груби рече дека со тоа сите заедници заеднички ќе можат да креираат политики.
„За мене државата мора да демонстрира лојалност кон граѓанинот, кон заедницата, за обратно, да очекува лојалност од граѓанинот и од заедницата. Една држава, едно општество, може да живее во заедништво, ама ако граѓаните се еднакви во своите права, но истовремено и во одговорностите кон државата“, нагласи Артан Груби.
Мила Царовска, министерката за образование и наука, во своето обраќање се осврна на ревизијата на учебниците, при што истакна дека тие треба да се приспособат на времето и на реалноста во општеството во кое живееме.
Наведувајќи дека со новата концепција за основно образование ќе се донесе и нов Закон за учебници, министерката Царовска рече дека Бирото за развој на образованието има повик до повеќе автори кои треба да создадат наставен материјал и дека нивните авторски права остануваат во сопственост на државата, а ревизијата на тие учебници ќе се прави еднаш годишно, за да бидат во тек со времето.
Царовска, истакнувајќи дека нема потреба од ревизија на постојните учебници и дека не е можно да се ревидираат 600-700 учебници, рече дека со новиот Закон државата ќе ги има авторските права и потоа ќе може учебниците да ги ревидира во моментот, доколку нешто не е во ред.
Шефот на Делегацијата на ЕУ во Скопје, Дејвид Гир, истакна дека е многу задоволен што Европската Унија (ЕУ) дава поддршка на овој проект и соработува со Агенцијата за остварување на правата на заедниците.
Дејвид Гир во своето обраќање потсети дека човековите права се основа, темел за правда и за одржување на мирот.
„Новото Министерство за политички систем е одговорно за стратегијата едно општество за сите што беше усвоена во септември 2019 година. Секако, ова е голема задача и Министерството покажа дека активно ја спроведува стратегијата и соработува со сите државни чинители за да ја зголеми социјалната кохезија“, рече амбасадорот Гир.
Италијанскиот експерт Алесандро Симони, на панел-дискусијата ги сумира резултатите од проектот „Зајакнување на демократијата преку унапредување и заштита на правата на заедниците“, наведувајќи дека првиот дел на проектот е поврзан со човечката, другиот дел со професионалната димензија и дека целта на проектот е градење капацитети и обезбедување поддршка на Агенцијата.
Директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Еран Куртиш, рече дека Агенцијата треба и ќе биде предводник и двигател на овие процеси низ кои преку институционални механизми ќе може да ги задоволи потребите на помалубројните заедници.