Abdula Berisha
05 Август 2021•Ажурирај: 06 Август 2021
СКОПЈЕ
Владата на Северна Македонија на седница одржана преку видеоконференција ја усвои одлуката за прогласување кризна состојба низ целата земја поради пожарите што зафатија различни делови на територијата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ова го потврди вицепремиерот Артан Груби во изјава за медиумите по тркалезната маса на тема „Важноста на Рамковниот договор за помалубројните заедници“.
„Ја усвоивме одлуката за прогласување кризна состојба во следните 30 дена во нашата држава. Знаете дека денеска се пристигнати и екипи од Словенија, при што директорот на Дирекцијата за заштита и спасување веќе е на пат кон Берово да се сретне со екипите, и се обидуваме со целосна мобилизација на сите наши институционални капацитети да се справиме со пожарите“, рече Груби.
Тој рече дека се надева дека прогласувањето на кризна состојба, заедно со забраната за движење во шумите, ќе биде корисно во оваа ситуација, и апелира до граѓаните да бидат посовесни, бидејќи, според него, во речиси сите случаи пожарите се предизвикани од човечки фактор.
Груби рече и дека е во постојан контакт, односно дека изутрина разговарал со надлежните органи кои потврдиле дека ситуацијата е под контрола и дека се справуваат правилно со пожарите.
Во одделно соопштение на Владата на Северна Македонија се наведува дека кризната состојба е прогласена со оглед на потребата од рационално користење на националните ресурси и координирано дејствување на сите институции.
Во соопштението се наведува дека Владата за одлуката ќе ги извести претседателот на Северна Македонија и претседателот на Собранието.
Исто така, се нагласува дека на претседателот ќе му биде предложено да одобри учество на дел од Армијата на Република Северна Македонија во управувањето со ситуацијата.
Претходно утрото, Центарот за управување со кризи (ЦУК) на Северна Македонија објави дека во моментов има активни пожари во Битолскиот, Струмичкиот, Кумановскиот и Штипскиот Регион.
Во соопштението на ЦУК се вели дека пожарникари, припадници на Армијата и на некои места дел од тимот од Бугарија, како и локалното население, учествувале во гаснењето на пожарите во раните утрински часови.