Furkan Naci Top
25 Јули 2018•Ажурирај: 26 Јули 2018
АТИНА (АА) - Пожарот во околината на Атина, во кој загинаа 81 лице, е најсмртоносен во скорешната историја на Грција, јавува Anadolu Agency (AA).
Пожарникарската служба соопшти дека се повредени 187 лица, од кои 23 се малолетни.
Снабдувањето со електрична енергија е прекинато, а во тек се акциите за спасување и чистење на пожариштата.
Во пожарите, кои се чести за време на летниот период, во пепел се претворени илјадници дунуми земјиште, а неретко има и загуби на човечки животи.
Сепак, пожарот кој во понеделникот изби во Рафина, во близина на Атина, е една од најголемите катастрофи во скорешната историја на Грција.
Пожарот кој изби во шумското подрачје во Рафина, североисточно од градот, потпомогнат со високите температури на воздухот и силните ветрови, брзо се прошири и на околните подрачја. Дел од жртвите настрадале заробени во нивните куќи или автомобили, додека дел од нив се удавиле влегувајќи во морето, во обид да побегнат од пожарот. Од морето досега се извлечени најмалку шест тела.
Повеќе од 100 лица се исчезнати, а меѓу нив има и туристи. Уништени се неколку илјади дунуми земјиште, а причинета е штета на најмалку илјада куќи. Стотици возила се потполно уништени.
- Жителите бегаа кон морето и бараа спас
Филипос Ставру ги спасил својата сопруга и 17-годишниот син со влегување во морето.
Тој додаде дека испаничените граѓани оневозможиле проодност на патиштата и дека луѓето излегувале од автомобилите кога сфатиле дека не можат да се движат. Сепак, додава, дека се нашле во огнен прстен и имало и лица што починале на само десет метри од морето.
Локалните официјални претставници изјавија дека пожарите кои одеднаш започнале на три места предизвикуваат сомнеж.

- Од 2000 година се случија голем број пожари во кои страдаа голем број луѓе
Во пожарот кој во 2000 година изби на островот Самос, беа зафатени неколку населби, а површина од 145.000 дунуми е претворена во пепел. Материјална штета настана на 47 куќи. Истата година изби пожар во близина на Коринт, во кој изгоре површина од 200.000 дунуми.
Во август 2007 година во местото Захаро, на Пелопонес, избија неколку пожари. Настрадаа 63 лица.
Истата година избија уште неколку пожари во Грција, во кои е причинета штета на стотици илјади дунуми земјиште, и во кои настрадаа 84 лица.
Во пожарот кој во 2008 година изби на островот Родос во пепел беа претворени 110.000 дунуми земјоделска површина.
Во Пендели на 21 август 2009 година изби пожар во кој изгореа 175.000 дунуми земјиште.
Истражувањата покажуваат дека невнимателноста и негрижата се главни причини за честите шумски пожари во Грција.
