Edıta Zekjırovıkj
05 Август 2021•Ажурирај: 06 Август 2021
СКОПЈЕ
Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, кој учествуваше на тркалезната маса на тема „Важноста на Рамковниот договор за помалубројните заедници”, по повод 20-годишнината од Охридскиот договор, организирана од Агенцијата за остварување на правата на заедниците, смета дека Охридскиот рамковен договор донесе придобивки за сите, известува Агенција Анадолија (АА).
На денешната тркалезна маса, покрај вицепремиерот и министер Артан Груби, учествуваа и Џефри Голдстин, вршител на должност шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Еран Куртиш, директор на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Џелал Хоџиќ, заменик-директор на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Ѓунер Исмаил, поранешен министер за култура, Изета Бабачиќ, автор на учебници за настава на босански јазик, Енес Ибрахим, пратеник во Собранието на Република Северна Македонија, Јана Михајлова, уредник на редакција на влашки јазик, Илхан Рахман, заменик-министер за политички систем и односи меѓу заедниците и Дениз Селмани, програмски менаџер на „Ромалитико“.
Вицепремиерот и министер Груби истакна дека од голема важност е лојалноста помеѓу граѓанинот и државата. Имено, според него, колку е полојална државата кон граѓанинот и заедницата, толку се полојални граѓанинот и заедницата кон државата. Тој додаде дека денес се забележува поголема доверба на граѓаните и заедниците кон државата, затоа што, всушност, државата ги исполнила ветувањата кон нив, согласно одредбите на Рамковниот договор.
„Благодарение на Охридскиот договор, денес, покрај македонскиот и албанскиот јазик, имаме општини во кои официјален јазик е и ромскиот, турскиот, босанскиот или српскиот јазик, а припадниците на овие заедници веќе се интегрирани во сите сфери на општеството, иако сѐ уште не во посакуваниот и потребен број“, изјави вицепремиерот и министер Груби.
За него, Рамковниот договор претставува заеднички успех, бидејќи многу мал број од мировните договори во светот се карактеризираат како успешни, а Охридскиот рамковен договор е апсолутно успешна приказна за сите.
Во Република Северна Македонија се навршуваат 20 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, со кој се стави крај на воениот конфликт во земјата и се поставија рамки за меѓуетнички соживот.
Во годините наназад, од имплeментацијата на Охридскиот рамковен договор, донесени се законски измени и дополнувања, од кои најголем дел се закони за недискриминација и правична застапеност, а дел од нив се во сферата на идентитетот, културата, образованието и децентрализацијата на власта.