Abdula Berisha
30 Јануари 2023•Ажурирај: 31 Јануари 2023
СКОПЈЕ (АА) - Со обраќање на премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, започна годишната конференција „Година на нови можности“, што ќе трае два дена, јавува Агенција Анадолија (АА).
Конференцијата се одржува со цел констатирање на резултатите од работата на Владата во изминатата година и на предизвиците и перспективите на општествено-политички план, во претстојната година.
Премиерот Ковачевски во воведното обраќање посочи дека во 2022 година, Владата се посветила на двата важни правци за граѓаните и за државата, економијата и европските интерации и паралелно ги решаваше предизвиците од глобалната економско-енергетска криза.
Притоа, тој нагласи дека се направени значајни постигнувања, коишто отвориле нови можности за крупни исчекори на двата плана во 2023 година.
„Пред нас е година на нови можности, за кои напорно работевме и за кои создадовме предуслови во текот на минатата година. Возможни се и потребни се нови чекори напред, за секого во нашата татковина. Можеме да имаме достоинствен квалитет на живот, според европски стандарди. Република Северна Македонија може и треба да биде дел од денешна Европа“, рече Ковачевски.
Говорејќи за напорите за модернизација на Армијата на Северна Македонија, премиерот Ковачевски го спомена и договорот за набавка на артилериски системи во соработка со Туркије.
„Армијата ја модернизираме според НАТО-стандардите, за што веќе се во тек неколку повеќегодишни капитални проекти, набавка на лесни оклопни возила, од САД, набавка на опрема за противвоздушна обрана, за што е потпишан договор со Франција, а склучени се и договори за набавка на артилериски системи во соработка со Турција (Туркије), како и за ремонт на транспортни хеликоптери, со Чешката Република“, рече Ковачевски.
На конференцијата свое обраќање имаше и првиот вицепремиер, Артан Груби, кој истакна дека владината коалиција не дозволила инсталирање на парламентарно мнозинство кое ќе зависи од Русија, додавајќи дека руските закани „се секојдневие на нашата влада“.
Во рамки на конференцијата во двата дена е предвидено одржување на вкупно 8 панели на различни теми, на кои ќе учествуваат членовите на Владата, директори на државни управи и агенции, државни акционерски друштва, стопански комори, експерти и претставници на меѓународни организации.