политика

Британските пратеници го напуштаат Европскиот парламент

„Денес го славиме почетокот на нашата независност. Ќе ги поставиме своите закони, ќе ги контролираме нашите граници, ќе правиме трговски договори. Британија може со голема радост да гледа кон својата иднина“, нагласи пратеничката Видекомб

Şerife Çetin  | 31.01.2020 - Обновена : 01.02.2020
Британските пратеници го напуштаат Европскиот парламент ( Foto: Dursun Aydemir / Anadolu Agency )

БРИСЕЛ (АА) - Неколку часови пред официјалното излегување на Велика Британија од Европската Унија (ЕУ), британските парламентарци започнаа да ја напуштаат зградата на Европскиот парламент (ЕП) во Брисел, јавува Агенција Анадолија (АА).

Ен Видекомб, пратеничка на партијата „Брегзит“ во Парламентот, во изјавата за медиумите рече дека Велика Британија по 40 години излегува од Европската Унија (ЕУ) и дека тоа се случило благодарение на партијата „Брегзит“ и нејзиниот лидер Најџел Фараж.

„Денес го славиме почетокот на нашата независност. Ќе ги поставиме своите закони, ќе ги контролираме нашите граници, ќе правиме трговски договори. Британија може со голема радост да гледа кон својата иднина. Ние ја завршивме нашата мисија и заминуваме“, нагласи пратеничката Видекомб.

- Заминуваат 73 британски пратеници

Во Европскиот парламент имаше 73 британски пратеници. По Брегзит, 27 слободни места ќе бидат поделени меѓу другите земји членки, а останатите 46 места ќе бидат резервирани за идните земји членки на Европската Унија (ЕУ).

Според договорот за Брегзит меѓу Велика Британија и ЕУ, земјата всушност ќе остане членка на Унијата до 31 декември, но нема да биде вклучена во механизмите за политичко одлучување. Во овој преоден рок, страните ќе преговараат за постигнување сеопфатен договор за слободна трговија.

Доколку Велика Британија сака да го продолжи периодот на транзиција, ќе треба да поднесе барање најдоцна до јуни. Сепак, Владата на британскиот премиер, Борис Џонсон, изјави дека нема да побара продолжување на периодот на транзиција и ќе ја оддели земјата од ЕУ на 31 декември, без оглед на тоа дали е постигнат договор или не.

На референдумот за Европската Унија (ЕУ) одржан во 2016 година, Велика Британија донесе одлука за „Брегзит“ со 52 проценти, наспроти 48 проценти што беа против напуштање на Унијата. 

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.