политика

„ЕУ беше добар партнер за Грција, и таа ќе биде добар партнер за проширувањето на ЕУ“

Претседателот на Националниот совет на Австрија, Волфганг Соботка, кој престојува во официјална посета на Република Македонија, говореше за спроведувањето на Договорот од Преспа

Besar Ademi  | 05.11.2018 - Обновена : 06.11.2018
„ЕУ беше добар партнер за Грција, и таа ќе биде добар партнер за проширувањето на ЕУ“ Besar Ademi/AA

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Националниот совет на Австрија, Волфганг Соботка, кој престојува во официјална посета на Република Македонија, зборувајќи за спроведувањето на Договорот од Преспа, односно за тоа доколку Договорот помине кај македонската страна и биде спречен од грчката страна, изјави дека Европската Унија (ЕУ) отсекогаш била добар партнер за Грција во нејзините тешки времиња и верува дека Грција, исто така, ќе биде добар партнер во политиката на проширување на ЕУ, јавува Anadolu Agency (АА).

Соботка беше примен со официјална церемонија од страна на претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, по што одржаа средба по која се обратија на заедничката прес-конференција.

Запрашан што доколку процесот на спроведување на Преспанскиот договор меѓу Македонија и Грција успешно помине во Македонија, но во Грција тоа не успее, Соботка рече дека Стратегијата на ЕУ за Западен Балкан има јасни процедури за дејствување и истакна дека Европската комисија и Европскиот совет по изборите следната година ќе помогнат да се започне со проширувањето на ЕУ, односно со пристапот на земјите од Западен Балкан.

„Европската Унија секогаш беше одговорен партнер за Грција во тешките времиња што ги доживеа, не само за време на финансиската криза, туку и за време на она што го доживеа со приливот на бегалци. Европската Унија отсекогаш била добар партнер и верувам дека Грција ќе биде добар и одговорен партнер на Европската Унија со тоа што се однесува на оваа тема“, рече Соботка.

Од дргуа страна, претседателот на Собранието, Џафери, истакна дека е неспорно дека Австрија во текот на годините се покажала како искрен пријател на Македонија, со тоа што, како што рече, дала безрезервна, проактивна и гласна поддршка за евроинтеграциите на земјата.

„Таа поддршка е уште посилна сега додека трае австриското претседателство со Европската Унија под мотото „Европа која штити“, каде што еден од приоритетите е интеграцијата на земјите од Западен Балкан во Европската Унија, иако самата Европска Унија се соочува со многу предизвици“, рече Џафери, осврнувајќи се на шестмесечното претседавање на Австрија со ЕУ, кое започна во јуни.

Соботка, исто така, се потпиша во Книгата на впечатоци во македонскиот Парламент, се состана со претседателот на Парламентарната комисија за надворешна политика, Антонио Милошоски, и нејзините членови, и одржа говор пред пратениците на Законодавниот дом.

Инаку, македонската Влада минатата недела ги усвои нацрт-амандманите на македонскиот Устав, со кои се цели измена и дополнување на Уставот, што се дел од Преспанскиот договор, потпишан во јуни од владите на Македонија и Грција, чие спроведување е услов за членство на земјата во НАТО и за почеток на преговорите за членство во ЕУ.

На 19 октомври, Собранието на Република Македонија со двотретинско мнозинство во Собранието, односно со 80 гласови, го одобри предлогот за пристап кон уставните измени, по што следуваа нацрт-амандманите кои беа поднесени на разгледување до Комисијата, а потоа треба да бидат усвоени со просто мнозинство гласови. По овој чекор, потребно е усвојување на уставните измени со двотретинско мнозинство во Собранието на Македонија, за да се отвори патот грчкиот Парламент да го ратификува Договорот од Преспа.

Спроведувањето на Договорот, меѓу другото, бара промена на името на државата во „Република Северна Македонија“.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.