свет, образование

По пандемјата учењето јазици повеќе ќе се одвива електронски

„Мислам дека фокусот повеќе ќе биде ставен на учењето на далечина, отколку што беше случај пред пандемијата. Сепак, ова нема да биде целосен случај, часовите со физичко присуство нема да бидат игнорирани целосно“, изјави Алшобаки за АА.

Seda Sevencan  | 19.01.2021 - Обновена : 20.01.2021
По пандемјата учењето јазици повеќе ќе се одвива електронски

АНКАРА

Учењето јазици повеќе ќе се фокусира на електронско одржување часови по пандемијата на коронавирусот (Ковид-19), во споредба со традиционалното „офлајн“ учење, вели наставничка, затоа што пандемијата предизвика учењето во училница да премине во онлајн учење низ светот, јавува Агенција Анадолија (АА).

„Мислам дека фокусот повеќе ќе биде ставен на учењето на далечина, отколку што беше случај пред пандемијата. Сепак, ова нема да биде целосен случај, часовите со физичко присуство нема да бидат игнорирани целосно“, изјави Сахар Алшобаки во интервју за АА.

Откако коронавирусот се појави за прв пат во декември 2019 година, досега беа заразени повеќе од 95,4 милиони лица, а починаа над 2 милиони лица.

Пандемијата ја поттикна индустријата за учење јазик низ целиот свет да пронајде алтернативи за начинот на кој претходно се одвиваше наставата. Образованието преку интернет се користи од страна на наставниците и студентите во невиден обем.

Некои се прашуваат дали усвојувањето на онлајн наставата и учењето ќе продолжи да опстојува и во периодот по вирусот и како таквата промена ќе влијае на индустријата за учење јазик на глобално ниво.

Како резултат на тоа, се поставуваат некои прашања за иднината на индустријата во периодот по пандемијата, како што е прашањето дали вредноста на физичкото присуство во училница ќе остане иста? Или дали заминувањето во странство за да се научи јазик ќе биде популарно како и претходно?

Дваесет и осумгодишната Алшобаки, која предава арапски јазик четири години и англиски јазик веќе шест години, верува дека часовите со физичко присуство и патувањето во нова земја да се научи странски јазик претставуваат искуство повеќе за луѓето што сакаат да го направат тоа.

„Не се работи само за самите часови за јазик, но да се биде во друга земја и да се комуницира со луѓето што зборуваат на тој странски јазик како мајчин е исто толку важно колку и да се посетуваат часовите по јазик“, додаде Алшобаки.

- Добри и лоши страни -

Споредувајќи ги двата начина на учење, Алшобаки рече дека секој контекст има свои добри и лоши страни.

Алшобаки рече дека наставата со физичко присуство е поинтерактивна и полесно е да се објаснат и дискутираат нови теми. Наставата преку интернет може да биде синхрона и асинхрона.

„Синхрониот дел нуди слично опкружување како и часовите што се со физичко присуство, бидејќи постои директна интеракција помеѓу наставникот и учениците, кои користат одредени апликации/софтвер како што се Скајп и Зум“, рече наставничката.

Нагласувајќи дека онлајн наставата е полесна за повозрасните, таа изјави: „Децата имаат многу пократок опсег на внимание и потребен е поголем труд за да бидат креативни преку интернет и нивното внимание постојано да биде свртено во контекстот на ’учење преку екран‘.“

Таа изјави и дека многу наставници биле отпуштени поради овој проблем.

Уште еден проблем со кој се соочуваат наставниците во текот на процесот, како што истакна, е можноста да се справат со мрежното опкружување.

„Голем дел од наставниците не беа подготвени да предаваат на интернет и тоа бараше голем напор да се справат со технологијата, новиот софтвер, начините за презентирање на знаењето и новите стилови на настава, пристапи и методи“, рече таа.

„Верувам дека сега по речиси 11 месеци, сите научија како да го одржуваат процесот на предавање и учење преку интернет и се добро опремени за овој процес“, додаде таа.

- Учениците споделуваат искуства -

Учениците на Алшобаки од целиот свет го споделија со АА своето искуство за учење нов јазик преку интернет.

Анита Гутшлаг (56) од Нов Зеланд, која се префрли на онлајн учење на арапскиот јазик, рече дека ова било непречен потег.

„Во однос на социјалниот аспект, физичкиот час беше многу забавен, но во однос на учењето јазик, немаше никаква реална разлика, па дури и можеше да го попречи мојот напредок ако го пропуштев часот поради работни или семејни обврски“, додаде Гутшлаг.

Дваесет и седумгодишната Берак Каракаш од Турција рече дека системот за учење преку интернет има свои добри и лоши страни.

„Пред сè, треба да го прифатиме ова; овој вирус го менува нашето мислење и ги крши нашите табуа за системот за учење. Луѓето видоа дека во светот постојат и други системи за учење“, рече Каракас.

„Можам да учам нов јазик од мојот дом со часови преку интернет, но ако треба да изберам само една опција: мојот избор ќе биде да одам во друга земја и да живеам таму. Можам да откријам сè со моето сопствено искуство“, додаде таа.

Олеси Берназ (23) од Канада смета дека нема разлика во ефикасноста на учењето јазик во училница или преку интернет.

„Сè зависи од мотивацијата на студентот“, рече таа.

„Верувам дека знаењето секогаш ќе биде привилегија, затоа учењето странски јазик преку онлајн часови е одлична можност“, додаде Берназ.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.