İbrahim Hakkı Çetinkaya
19 Јануари 2021•Ажурирај: 20 Јануари 2021
АНКАРА
Ново истражување откри дека пандемијата на новиот вид коронавирус (Ковид-19) има деструктивен ефект врз менталното здравје на младите, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според веста на „Evening Standart“, во рамки на истражувањето реализирано од страна на хуманитарната организација „The Prince's Trust“ од Велика Британија е разговарано со 2.180 млади лица на возраст од 16 до 25 години.
Ова истражување веќе 12 години се спроведува секоја година, а овој пат е забележано дека младите уште повеќе се загрижени за нивната иднина во споредба со изминатите години.
Истражувањето покажа дека една четвртина од младите учесници во ова истражување не успеале да ги надминат проблемите во секојдневниот живот од почетокот на пандемијата досега. Стапката на млади што не се образуваат или се невработени и кои рекле дека не успеале да ги надминат проблемите изнесува околу 40 отсто.
Скоро половина од овие млади лица истакнале дека од почетокот на пандемијата досега е влошено нивното ментално здравје, додека повеќе од половина нагласиле дека станало сè потешко да се аплицира за работа во овој период и дека не можат да предвидат кога ќе заврши тоа.
Џонатан Таунсенд од „The Prince's Trust“ рече дека пандемијата на Ковид-19 има деструктивен ефекти врз менталното здравје на младите и врз условите за живот.
„Младите се соочуваат со нерегуларен образовен живот, со намален пазар на трудот, како и со изолација од нивните пријатели и сакани. Тоа предизвикува голем број лица да ја изгубат целата надеж за иднината“, истакна тој.