Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
21 Декември 2022•Ажурирај: 22 Декември 2022
АНКАРА (АА) - Туркије ќе започне со масовно производство на три домашно дизајнирани и произведени системи за противвоздушна одбрана, објави Директоратот за комуникации на Туркије, јавува Агенција Анадолија (АА).
„За зајакнување на воздушната одбрана на нашата земја, донесени се одлуки за ново масовно производство на системите „Сипер“, „Хисар“ и „Сунгур“, соопшти Директоратот по состанокот на Извршниот комитет за одбранбена индустрија во главниот град Анкара.
На состанокот со кој претседаваше претседателот Реџеп Таип Ердоган во Претседателскиот комплекс донесени се одлуки за најмалку 25 различни проекти кои се однесуваат на одбраната на земјата.
Проектот „Сипер“ го водат турските гиганти во одбранбената индустрија „Аселсан“ и „Рокетсан“, како и Советот за научни и технолошки истражувања на Туркије (ТУБИТАК).
Покрај „Сипер“, кој се очекува да биде ривал на рускиот С-400, Туркије ги има развиено и системите за противвоздушна одбрана „Коркут“, „Сунгур“ и „Хисар“.
Комисијата, исто така, донесе одлука и за сериско производство на разни видови муниција, меѓу кои торпедото „Акја“ и ракетите „Тајфун“, „Атмаџа“, ТРЛГ-230, „Караок“, „Гокдоган“ и „Боздоган“.
„Договорени се и различни проекти за модернизација на нашите Ф-16, за нови системи за електронско војување и радарски системи, различни воздушни, копнени и поморски платформи, комуникациски и информациски системи, опрема, симулација, логистика и кибербезбедност.
Од страна на Комисијата е нагласена потребата од развивање секаков вид на одбранбена технологија којашто Туркије ја купува од странство со цел „целосно независна одбранбена индустрија“.