Mustafa Güngör
01 Октомври 2023•Ажурирај: 03 Октомври 2023
ИЗМИР (АА) - На последниот ден од саемот за воздухопловство и технологија ТЕХНОФЕСТ во турскиот град Измир беа претставени голем број технолошки достигнувања, јавува Анадолу.
Саемот за воздухопловство и технологија се одржува во организација на Турската фондација за технологија (Т3) и Министерството за индустрија и технологија на Туркије.
ТЕХНОФЕСТ, трет по ред оваа година, се одржува во Измир. Саемот за воздухопловство и технологија на аеродромот „Цигли“ се затвора денес, а траеше пет дена.
И денеска, како и претходните денови, саемот го посетија голем број граѓани и туристи кои имаа можност да видат интересни технолошки и научни достигнувања.
Посетителите покажаа голем интерес за најновите технолошки достигнувања презентирани на ТЕХНОФЕСТ.
Последниот ден од саемот меѓу посетителите особено беа забележливи големиот број ученици и млади луѓе.
На ТЕХНОФЕСТ е претставен и турскиот летечки автомобил „AirCar“, кој посебно го привлече вниманието на посетителите.
Софтверскиот инженер Мехмет Туран, кој работеше на развојот на летечкиот автомобил, рече дека „AirCar“ тежи околу 450 килограми.

„Ова е возило кое може да достигне брзина од 120 километри на час и има домет од 50 километри. Може да биде одлично решение за густиот сообраќај“, рече Туран.
Тој додаде дека веќе во 2025 година би можеле да добијат дозвола за лет во Туркије.
„Досега имаме завршено околу 100 пробни летови“, рече овој експерт.

Аеробатскиот показен тим на Турското воено воздухопловство „Солотурк“ во рамките на саемот изведе перформанс кој ги воодушеви посетителите.
Во рамките на ТЕХНОФЕСТ се одржаа бројни работилници за деца и млади.
За време на саемот, на небото настапи аеробатскиот демонстративен тим на Турските воздухопловни сили, познат како „Турски ѕвезди“. Во рамки на саемот беа претставени и борбените беспилотни летала Бајрактар ТБ2 и Бајрактар ТБ3, борбеното беспилотно летало Бајрактар АКИНЏИ и турскиот воен хеликоптер АТАК.
ТЕХНОФЕСТ за прв пат се одржа во 2018 година. Агенција Анадолу е глобален комуникациски партнер на саемот за технологија ТЕХНОФЕСТ.