Tuba Onğun
12 Јануари 2024•Ажурирај: 12 Јануари 2024
АНКАРА (АА) - Производителот на електрични автомобили „Тесла“ соопшти дека привремено, на две недели, ќе го запре производството во својата фабрика во Германија поради прекини во синџирот на снабдување предизвикан од нападите врз бродовите во Црвеното Море, јавува Анадолу.
„Поради недостиг на компоненти принудени сме да го прекинеме производството на возила во ГигаБерлин во периодот помеѓу 29 јануари и 11 февруари, со исклучок на неколку потсекции“, соопшти Тесла.
Компанијата планира да продолжи со производство на 12 февруари.
Нападите на јеменските бунтовници Хуси врз комерцијалните бродови во Црвеното Море ги принудија логистичките компании да користат алтернативни рути, со што се зголемуваат трошоците на превозот и се предизвикува доцнење на испораките.
Рутата на Црвеното Море сочинува скоро 12 отсто од глобалниот поморски трговски сообраќај.
Хусите извршија 27 напади во Црвеното Море од 19 ноември, соопшти американската војска синоќа.
Соопштението беше објавено близу времето на воздушните напади на САД и Велика Британија доцна синоќа врз повеќе позиции на Хусите во Јемен.