наука и технологија

Роботи со вештачка интелигенција зачекоруваат во физичкиот свет

- Сè поинтензивно се пренесува и во светот на роботиката, каде што технологиите со вештачка интелигенција добиваат физичка форма...

Abdulkadir Günyol  | 15.01.2026 - Обновена : 15.01.2026
Роботи со вештачка интелигенција зачекоруваат во физичкиот свет

ИСТАНБУЛ (АА) – Големата трка во областа на вештачката интелигенција, во која учествуваат компании како Гугл, Бостон Динамикс и Тесла, сè поинтензивно се пренесува и во светот на роботиката, каде што технологиите со вештачка интелигенција добиваат физичка форма и директно се вклучуваат во реалните производствени процеси, јавува Анадолу.

Во тој контекст направен е клучен чекор во развојот на таканаречената „oтелотворена вештачка интелигенција“ (Embodied AI) - следна фаза на автоматизацијата во индустриското производство. Јужнокорејскиот автомобилски гигант Хјундаи, кој поседува мнозински удел во Бостон Динамикс, се подготвува да ја комбинира моќта на хардверот на роботите со софтверската интелигенција на моделот Џеминај, развиен од Гугл ДипМајнд.

Со тестирањата што ќе започнат наскоро, роботите Атлас, опремени со процесорот Џеминај, ќе преземат вистински задачи во производството во автомобилските фабрики на Хјундаи.

Партнерството беше објавено на прес-конференцијата на Хјундаи во рамките на ЦЕС 2026, еден од најголемите светски саеми за потрошувачка електроника.

Целта е Атлас да стане поинтелигентен, поприспособлив и способен за природна интеракција со луѓето. Доколку проектот се реализира според планот, Атлас ќе премине од истражувачки прототип во „колега“ подготвен за сериско производство.

Според најавите, роботите треба активно да се вклучат во производните линии до 2028 година, а првиот производствен модел ќе започне со работа во фабриката Хјундаи Мотор Груп Метаплант Америка (HMGMA) во американската сојузна држава Џорџија.

- Тесла планира сериско производство на Оптимус -

Меѓу проектите на кои најмногу инсистира милијардерот Илон Маск е хуманоидниот робот Оптимус на Тесла. Според видеата објавени на американската платформа за социјални медиуми Х, роботот што во 2023 година едвај можеше да оди, во 2025 година веќе трча со брзина слична на човечката.

Оптимус е висок околу 1,80 метри, тежи 73 килограми и располага со батерија од 2,3 киловат-часа, што му овозможува речиси целодневна работа.

Тесла планира да започне сериско производство во 2026 година, а роботот ќе им биде понуден и на други компании.

Говорејќи во една американска телевизиска емисија, Маск изјави дека Оптимус ќе има значајна улога во здравствениот сектор. На прашањето кога роботот би можел да биде подобар од најдобрите хирурзи, тој одговори: „За околу три години“, со што отвори нова дебата за иднината на медицината.

- Фигур ВИ го заврши пилот-проектот со БМВ -

Американската компанија Фигур ВИ, исто така, е меѓу водечките играчи на пазарот на хуманоидни роботи. Компанијата успешно го заврши пилот-проектот во фабриката на БМВ во Спартанбург кон крајот на 2025 година.

Во тој период роботите Фигур 02 активно учествувале во производството на повеќе од 30.000 возила, работејќи пет дена во неделата, по 10 часа дневно, со вкупно над 1.250 работни часа. Тие постигнале над 99% успешност во прецизни задачи како поставување делови.

По завршувањето на програмата, роботите Фигур 02 беа „пензионирани“, а собраните податоци се користат за развој на новиот модел Фигур 03, кој ќе биде прв сериски модел наменет за постојано користење во фабриките. Компанијата, која првично соработуваше со ОупенВИ, одлучи да ја прекине таа соработка и да продолжи со сопствениот систем со вештачка интелигенција наречен Хеликс.

- Кина, главен ривал на САД во хуманоидната роботика -

Во меѓувреме, Кина, како најголем технолошки ривал на САД, значително ги зголемува инвестициите во хуманоидни роботи и отелотворена вештачка интелигенција. Земјата располага со повеќе од 150 роботски стартапи и обемна инфраструктура за обука на роботи.

Компанијата Јунитри Роботикс привлече големо внимание со своите модели од серијата Х и роботот Г1, кои на социјалните мрежи се претставени преку балетски движења и боречки вештини. Моделот Г1 веќе се користи во голем број кинески фабрики за задачи како сортирање делови.

Покрај Јунитри, компании како УБТЕХ и ИксПенг дополнително ја зацврстуваат позицијата на Кина како една од водечките земји во развојот на хуманоидни роботи.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.