Barry Eitel
29 Март 2017•Ажурирај: 29 Март 2017
САН ФРАНЦИСКО (АА) - Роботи ги заменуваат американските работници, притоа значително намалувaјќи ги платите, се вели во извештајот објавен од страна на Националното биро за економски истражувања, јавува Anadolu Agency (AA).
Истражувачите ги разработуваа податоците за вработувања со децении наназад, објавени од страна на владата од 1990 до 2007 година. Тие откриле дека за секој нов робот инсталиран во една фабрика, укинати се работните места на 6,2 луѓе во просек.
Покрај тоа, економистите откриле дека за секој робот додаден на 1.000 работници, сите плати се намалени за 0,25 и 0,5 отсто во таа околината.
Автоматизацијата, се тврди во извештајот, влијае на речиси секоја индивидуа од работната сила, и не само на физичките работници кои се на работни места за кои не им треба диплома.
Извештајот е објавен од страна на Националното биро за економски истражувања, непрофитна истражувачка организација. Автори на извештајот се економистите Дарон Аџемоглу од Институтот за технологија во Масачусетс и Паскал Рестрепо од Бостонскиот Универзитет.
"Го гледаме негативното влијание на роботите всушност во сите професии, со исклучок на менаџерската", пишуваат авторите. "Очекувано, главните категории кои доживуваат значителен пад се рутинските работни места кај коишто работите се изведуваат мануелно, операторите и фабричките работници, механичарите и транспортните работници".
Авторите се фокусираат главно на автоматизацијата, прилагодувајќи го истражувањето на другите моменти што влијаат врз работните места, како што се евтиниот увоз од Кина и намалувањето на "рутинските работни места" кои бараат повторување на еден одреден сет од вештини.
Во извештајот се истакнува дека иднината би можела да биде и уште полоша.
Аџемоглу и Рестрепо тврдат дека бројот на роботи кои се користат од страна на индустријата во САД е релативно мал, а доколку автоматизацијата продолжи со сегашното темпо, економските ефекти може да се интензивираат.
"Доколку се зголеми користењето на роботи, како што се очекува од страна на екпертите во следните дваесет години, во иднина наталожените импликации од тоа би можеле да бидат прилично големи", истакнаа тие.