Zehra Ulucak
29 Март 2017•Ажурирај: 30 Март 2017
АНКАРА (АА) - Јапонските истражувачи покажаа дека процентот на смртност во подоцнежните години е поголем кај мажите што јадат сами, во однос на нивните врсници кои се социјализираат, јавува Anadolu Agency (AA).
Трудот објавен во „Џапан тајмс“ е проект на истражувачите од Универзитетот за медицина и стоматологија „Токио“, и покажува дека мажите кои имаат семејство, но јадат сами, се со поголем процентот на смртност во подоцнежните години во однос на нивните врсници кои јадат заедно со своите семејства.
„Претпоставувавме дека јадењето сам влијае врз процентот на смртност, и тоа го потврдивме со нашата работа“, изјави Јукако Тани, раководител на проектот.
Во проектот учествувале мажи над 65-годишна возраст и по тригодишно истражување, востановено е дека смртноста кај лицата што вечерале сами е за 50 отсто поголема од оние кои вечерата ја јаделе заедно со семејството.
За време на истражувањето биле следени 29.182 мажи кои јаделе заедно со семејството, од кои починале 1.759 лица, што е 6 отсто од вкупната бројка на следени лица, а од 1.645 мажи кои живееле со семејствата, но вечерата ја јаделе сами, починале 156 мажи, што е 9,5 отсто од следените лица.
За време на истражувањето се покажало дека смртноста на мажите што живееле сами и јадат сами е за 20 отсто поголема од смртноста на мажите кои живеат со семејството и јадат заедно со своите семејства.
Истражувачите сметаат дека причина за смртноста на лицата кои живеат со своите семејства, но јадат сами, може да биде занемареноста и несоодветната грижа. Истовремено, истражувањето покажа дека мажите кои јадат сами не се хранат доволно.