свет

Извештај на ОН: Речиси 5 милиони деца под 5-годишна возраст починале во 2024 година

„Ниедно дете не треба да умира од болести што знаеме како да ги спречиме. Но гледаме загрижувачки знаци дека забавува напредокот во преживувањето на децата“

Beyza Binnur Dönmez  | 18.03.2026 - Обновена : 18.03.2026
 Извештај на ОН: Речиси 5 милиони деца под 5-годишна возраст починале во 2024 година

ЖЕНЕВА (АА) – Околу 4,9 милиони деца починале пред да навршат пет години во 2024 година, при што напредокот во намалувањето на детската смртност значително се забавува, се наведува во извештајот на Обединетите нации објавен денес, јавува Анадолу.

Иако смртноста кај децата под пет години е намалена за повеќе од половина од 2000 година наваму, темпото на намалување е забавено за над 60 отсто од 2015 година, што предизвикува загриженост дека глобалните напори губат интензитет.

Во извештајот, подготвен од УНИЦЕФ, Светската здравствена организација, Светската банка и Одделот за население на ОН, се нагласува дека најголем број од овие смртни случаи можело да се спречат со докажани, нискобуџетни интервенции и пристап до квалитетна здравствена заштита.

„Ниедно дете не треба да умира од болести што знаеме како да ги спречиме. Но гледаме загрижувачки знаци дека забавува напредокот во преживувањето на децата“, изјави извршната директорка на УНИЦЕФ, Кетрин Расел.

Уделот на новороденчињата во вкупниот број смртни случаи изнесува речиси половина, што укажува на побавен напредок во спречувањето на смртноста околу раѓањето. Компликациите од предвремено раѓање учествуваат со 36 проценти во смртноста на новороденчињата, додека компликациите при породување изнесуваат 21 процент.

По првиот месец од животот заразните болести, како маларија, пневмонија и дијареја, остануваат главни причини за смрт. Само маларијата учествува со 17 проценти во смртните случаи кај поголемите деца.

Првпат во извештајот се прави процена на смртните случаи директно поврзани со тешка акутна неисхранетост, при што повеќе од 100.000 деца починале поради оваа состојба во 2024 година.

„Кај децата што живеат во услови на конфликти и кризи има речиси трипати поголема веројатност да починат пред да навршат пет години“, изјави генералниот директор на СЗО, Тедрос Адханом Гебрејесус, додавајќи дека е неопходно да се заштитат основните здравствени и нутритивни услуги и да се стигне до најранливите семејства.

Субсахарска Африка учествува со 58 проценти во вкупниот број смртни случаи кај деца под пет години, а Јужна Азија со 25 проценти, при што кај децата во кревки средини има речиси трипати поголем ризик од смрт.

Извештајот покажува и дека околу 2,1 милион деца, адолесценти и млади на возраст од пет до 24 години починале во 2024 година, при што причините за смрт се менуваат со возраста.

Заразните болести и повредите остануваат водечки причини кај помладите возрасни групи, додека кај адолесцентите, самоповредувањето е водечка причина за смрт кај девојчињата на возраст од 15 до 19 години, а сообраќајните несреќи кај момчињата.

Наодите доаѓаат во време кога глобалното финансирање на здравствените системи е под зголемен притисок, што предизвикува загриженост за одржливоста на програмите за здравје на мајките, новороденчињата и децата.

Во извештајот се предупредува дека континуираните инвестиции во здравствените услуги, системите за податоци и основната грижа се клучни не само за зачувување на досегашниот напредок туку и за негово забрзување.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın