Истражувачите ја открија најстарата пештерска уметност во светот на островот Муна во Индонезија
Станува збор за отпечатоци од рака, за кој резултатите од датирањето покажуваат дека е создаден пред најмалку 67.800 години
ИСТАНБУЛ (АА) – Истражувачи неодамна открија пештерско уметничко дело за кое се верува дека е најстарото во светот, лоцирано на островот Муна во Југоисточен Сулавеси, Индонезија, се наведува во студија објавена во списанието „Нејчр“ денес, пренесува Анадолу.
Станува збор за отпечаток од рака, за кој резултатите од датирањето покажуваат дека е создаден пред најмалку 67.800 години.
Уметничкото дело се наоѓа на околу 300 километри од пештерската слика откриена во 2024 година, која тогаш беше идентификувана како најстарото датирано пештерско сликарство во светот – претстава на диво прасе, проценета на околу 51.200 години старост, објави индонезискиот весник „Џакарта пост“.
Најновото откритие, отпечаток од рака пронајден во пештерата Лианг Метандуно, е едно од десетиците примери на карпеста уметност откриени на островот Муна и соседниот остров Бутон во Југоисточен Сулавеси.
Археологот Ади Агус Октавијана од Националната агенција за истражување и иновации на Индонезија (BRIN), кој е еден од авторите на студијата, го истражува островот уште од 2015 година во потрага по древни слики на отпечатоци од раце во пештерите.
Тој открил повеќе вакви отпечатоци, меѓу кои и оној во пештерата Метандуно, кој бил делумно скриен под понови слики што прикажуваат лице како јава коњ, заедно со кокошка.
Според студијата, отпечатокот не е добро сочуван, со избледен пигмент, но и натаму јасно се забележуваат „дел од прстите и соседниот дел од дланката“.
„Врвот на еден прст изгледа вештачки стеснет, било преку дополнително нанесување пигмент или преку поместување на раката за време на нанесувањето на бојата – посебен тип уметност со шаблони од раце, досега идентификуван само во Сулавеси“, се наведува во студијата.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
