Servet Günerigök
26 Октомври 2019•Ажурирај: 27 Октомври 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Американската вселенска агенција НАСА соопшти дека планира да испрати робот на Месечината за да лоцира остатоци од замрзната вода што може да се користи за пиење од страна на астронаутите и за снабдување на ракетите во идните мисии, пренесува Anadolu Agency (AA).
НАСА ги откри плановите за роверот за поларни истражувања со големина на голф-кола или таканаречениот ВИПЕР (Volatiles Investigating Polar Exploration Rover - VIPER), кој ќе го отвори патот кон одржливо, долгорочно присуство на Месечината, со што ќе го отвори патот и за мисија на Марс.
„Клучното нешто за живеење на Месечината е водата - исто како и овде на Земјата“, изјави Даниел Ендрјус, проект-менаџер на ВИПЕР и директор за инженерство во Истражувачкиот центар на НАСА во Силиконската Долина, Калифорнија.
„Од потврдата за замрзната вода пред десетина години, сега се поставува прашањето дали Месечината навистина би можела да поседува толкави ресурси потребни за да живееме надвор од Земјата. Овој ровер ќе ни помогне да одговориме на многуте прашања кои ги имаме за тоа каде се наоѓа водата, и колкави количини има.“
ВИПЕР е предвидено да се спушти на Месечината во декември 2022 година, каде што околу 100 дена ќе се движи неколку километри по површината на Месечината и со употреба на сврдел долг еден метар ќе пробива низ карпите со цел да открие наслаги на вода, соопштија од НАСА.
Роботот ќе бара замрзната вода на истиот пол каде што во 2024 година ќе треба да слетаат првата жена и следниот маж, дел од планот „Артемис“ за враќање на луѓето на Месечината за првпат од 1970-тите, за изградба на лунарна база и започнување мисија на Марс.
„Неверојатно возбудливо е да имате ровер кој ќе посети нова и единствена средина на јужниот пол за да открие каде точно можеме да црпиме вода“, истакна Ентони Колаприт, научник од проектот ВИПЕР.
„ВИПЕР ќе ни каже кои локации имаат најголеми концентрации и колку длабоко под површината треба да се дупчи за да се стигне до водата.“