Ali Murat Alhas
05 Август 2019•Ажурирај: 06 Август 2019
АНКАРА (АА) - Астрономите открија една од најстарите sвезди во историјата, која се наоѓа на оддалеченост од 35.000 светлосни години од Млечниот Пат, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според статијата објавена денес во „Месечните белешки“ на Кралското астрономско друштво, телескопот „SkyMapper“ откри нова ѕвезда сиромашна со метал наречена „SMSS J160540.18–144323.1“.
Се смета дека ѕвездата се појавила пред околу 13,8 милијарди години.
„Оваа, во голема мера, анемична ѕвезда, која веројатно се формирала само неколку стотици милиони години по Големата експлозија („Биг бенг“), има ниво на железо 1,5 милиони пати пониско од Сонцето“, истакнува Томас Нордландер, раководител на тимот што го реализира откритието.
Нордландер рече дека содржината на железо во ѕвездата е толку мало што се споредува како „капка вода во олимписки базен за пливање“.
Австралискиот научник и неговите колеги тврдат дека ѕвездата се појавила по експлозијата на една од првите sвезди во нашиот универзум, а овие први sвезди биле составени само од водород, хелиум и литиум што произлегле по „Биг бенг“.
Научниците веруваат дека анемичната ѕвезда на работ на Млечниот Пат може да им помогне во откривањето на тајните на нашиот универзум.