Ayşe Aktaş
07 Февруари 2017•Ажурирај: 08 Февруари 2017
КЕЈП КАНАВЕРАЛ (AA) – Американските астрономи открија дека една црна дупка, оддалечена 1,8 милијарди светлосни години од Земјата, 11 години голта една ѕвезда, јавува Anadolu Agency (AA).
Даченг Лин од Универзитетот „Њу Хемпшир“, САД, истакна дека црните дупки ги следат од 1990 година, но досега не виделе црна дупка да голта ѕвезда повеќе од една година.
Лин истакна дека црната дупка, која се наоѓа во една галаксија оддалечена 1,8 милијарди светлосни години од Земјата, од 2005 година започнала да ја голта ѕвездата, и сѐ уште продолжува да ја „џвака“.
„Бевме сведоци на прекрасна и продолжена смрт на една ѕвезда“ рече Лин, истакнувајќи дека ги користеле информациите добиени од телескопите со Х-зраци кои се наоѓаат во Земјината орбита.
Џејмс Гилокон, истражувач од Центарот за астрофизика „Харвард-Смитсонијан“, истакна дека е забележано дека црната дупка што голтнала ѕвезда двапати поголема од Сонцето, постојано расте.
Врз основа на компјутерските моделирања, се очекува црната дупка за следните 10 години во потполност да ја проголта ѕвездата.
Ова истражување беше објавено во списанието „Нејчр астрономи“.