Seyit Aydoğan
23 Август 2018•Ажурирај: 24 Август 2018
ТОРОНТО (АА) - Во канадската покраина Саскачеван, на локацијата каде што се врши ископување, се откриени фосили на цицачи стари 23 милиони години, пренесува Anadolu Agency (AA).
Екипата под водство на Даниел Фрејзер од Канадскиот музеј во Отава, на локацијата за ископување во Националниот парк „Граслендс“ открија фосили стари 23 милиони години што им припаѓаат на предците на денешните коњи, мачки и носорози.
Екипата научници во ископувањата до 2017 година не пронашле фосили на цицачи, додека во летниот период 2017 година пронашле коски на коњ и фосили на носорог, па затоа оваа година се фокусирале повеќе на ископувањата.
„Откривме најмалку три различни фосили на коњ. Еден од нив беше со приближна големина на куче со средна големина. Многу бевме возбудени од откривањето на фосилите на мачка со приближна големина на пума. Исто така, откривме мистериозна коска од вилица, но тоа не беше цицач“, истакна Даниел Фрејзер во изјава за канадските медиуми.
Фрејзер рече дека фосилите датираат од периодот на миоценот, од пред 23 милиони години. „Навистина е возбудливо и чудно такво нешто да се открие во Канада“, истакна, додавајќи дека овие фосили се пронајдени само во Саскачеван, Алберта и на островот Девон.
„Најверојатно ќе се вратиме наредната година и ќе започнеме да ги истражуваме малите цицачи како зајаци и глодари. Претпоставуваме дека истражувањата во оваа област ќе продолжат уште околу 10 години“, истакна Фрејзер.