Admir Fazlagikj
16 Ноември 2016•Ажурирај: 17 Ноември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Околу 400 бизнис лидери и ИТ-професионалци учествуваат на конференцијата „Мајкрософт визија: Рилоудед“, којашто денес и утре се одржува во организација на Мајкрософт Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Дел од говорниците на конференцијата се Мајкл Когелер, генералниот директор на Мултикантри регионот во „Мајкрософт“, кој опфаќа 15 земји од Централна и од Источна Европа; Петар Иванов, генерален директор на „Мајкрософт“ за Македонија, Бугарија и за Косово и Љупчо Георгиев, директор на „Мајкрософт“ Македонија и Косово.
„На оваа конференција ќе ја раскажеме целата приказна за дигиталната трансформација и ќе ги претставиме нејзините потенцијали и можности за зголемување на продуктивноста преку користење на технологијата во рацете на бизнисот“, изјави Љупчо Георгиев, директорот на Мајкрософт Македонија и Косово, кој додаде дека на конференцијата фокусот ќе биде ставен на новите технологии, но и на примената во Македонија.
Меѓу другото, Георгиев рече дека на овој настан ќе биде прикажано како „Мајкрософт“ се приближува до партнерите и до клиентите и ќе ги претстави начините на коишто компаниите можат да се приспособат на новите трендови насекаде во светот.
Мајкл Корнер, директорот на Мулктикантри регионот во Мајкрософт го изрази своето задоволство од присуството во Македонија, истакнувајќи дека на овие простори има многу креативни и паметни луѓе, што создава можности за искористување на потенцијалот за развој на дигитализацијата.
Според него, од исклучителна важност за новите генерации е да се приспособат на дигиталниот свет, бидејќи младата генерација е силата на она што следува во иднина.
На конференцијата беше истакнато и дека институциите, компаниите и граѓаните треба да се приспособат на промените во дигитализацијата со цел полесно да доаѓаат до информациите и да комуницираат.
Официјалниот дел на конференцијата „Мајкрософт визија: Рилоудед“ го отвори амбасадорот на САД во Скопје, Џес Бејли, кој се осврна на важноста на познавањето и користењето на модерните технологии во ерата на дигитализацијата.