Bahattin Gönültaş,Merve Özlem Çakır
15 Ноември 2016•Ажурирај: 16 Ноември 2016
САРАЕВО (АА) - Светскиот економски форум (WEF) објави осум претпоставки за тоа како ќе изгледа светот во 2030 година. Меѓу нив е и прогнозата за прекинување на самостојната доминација на САД во светот, јавува Anadolu Agency (AA).
Експертите на СЕФ нагласуваат дека предвидувањето на состојбите во светот е значително отежнато по британската одлука за напуштање на Европската Унија и по победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД.
СЕФ предвидува дека луѓето во наредната деценија и пол ќе сменат голем дел од навиките, меѓу другото, поретко ќе се купуваат станови, автомобили и бела техника, а ќе биде сѐ почеста практиката овие работи да се изнајмуваат.
Цените за транспорт на луѓе и стока би требало значително да се намалат, а возилата со автоматско управување би требало да им го олеснат животот на луѓето.
Се предвидува дека ќе продолжи инвестирањето во развој на обновливи енергетски извори, но и постигнување глобален консензус за стандардите во рамките на борбата против климатските промени.
СЕФ, исто така, предвидува дека во 2030 година нема да постои доминација на една суперсила во светот, туку дека САД светскиот трон ќе го делат со прогресивните земји Русија, Кина, Германија, Индија и Јапонија.
Кина во наредниот период ќе продолжи да го зголемува издвојувањето за воени потреби, па во 2030 година, за таа намена ќе одвојува 627 милијарди долари, односно четири отсто од годишниот буџет.
Поради проблемот со дебелината на луѓето на глобален план, ќе продолжи и трендот на популарноста на здравата храна. Со цел да се намали емисијата на стакленички гасови во светот, ќе дојде до намалување на консумацијата на голем број намирници, меѓу кои во прв ред е месото. Месото ќе престане да биде главен прехранбен производ, а ќе се користи повеќе како зачин за вкус на храната.
Се предвидува и прогресивен развој на технологиите што ќе придонесат кон подобра превенција и побрза дијагностика кога станува збор за здравствениот сектор. Во светот ќе биде сѐ повеќе распространета практиката на мобилни лекарски услуги и домашна нега на пациентите.
Експертите на СЕФ предвидуваат дека во 2030 година, пациентите низ целиот свет не ќе мораат да чекаат на листите за трансплантација на органи, туку дека во практика ќе биде технологијата со 3Д-печатење.
Исто така, експертите во извештајот наведуваат дека во 2030 година, мигрантите би можеле да бидат интегрирани во општеството на Западот, дури и ќе водат главен збор во економскиот развој на земјите во кои тие или нивните родители дошле од Сирија или од другите краеви на светот.
Се предвидува дека Западот ќе биде соочен со поинтензивен бран на миграции, кои ќе бидат предизвикани со глобалните климатски промени.
Нема најави дека би можело да дојде до решавање на проблемот на растечката омраза кон странците, расизмот и исламофобијата на Западот, како ни до зголемување на тензиите меѓу САД и Мексико.
Американската агенција НАСА во 2030 би требало да биде подготвена за испраќање на човекот на Марс.