Emre Aytekin
05 Април 2017•Ажурирај: 06 Април 2017
АНКАРА (АА) – Научниците тврдат дека Велика Британија, која е во процес на излегување од Европската Унија (ЕУ), и во минатото како резултат на „геолошки Брегзит“ се отцепила од европскиот континент, јавува Anadolu Agency (AA)
Научниците од Лондонската кралска академија тврдат дека на почетокот од леденото доба, помеѓу Британија и европскиот континент постоела копнена поврзаност, која во потполност исчезнала како резултат на одредени геoлошки процеси коишто започнале пред околу 450 илјади години.
Денес научниците поставуваат теза според која, Довер, во јужниот дел од Велика Британија и Кале, во северниот дел од Франција биле поврзани со тенка копнена линија во најтесниот дел од Британскиот Канал. Според нив, оваа копнена поврзаност почнала да еродира откако почнале да се прелеваат езерските води формирани од џиновските глечери на северот пред 450.000 години, а под влијание на земјотреси или од кршењето на мразот, пред околу 150.000 години се случил голем бран на поплава, кој оваа копнена линија ја потопил во целост.
Научниците посочуваат дека за време на изградбата на тунелот во Каналот, со кој Британија е поврзана со Франција, откриени се скриени подземни дупки на дното од теснецот Довер. Тие претпоставуваат дека овие подводни долини, или кањони, кои се со различни карактеристики, се формирале со ерозијата на водопадите, која настанала од прелевањето на водите од езерото.
„Ова е еден од најутврдувачките настани на геолошката историја на севернозападна Европа и Британија. Доколку не се случеше ова, Британија ќе беше дел од европскиот континент“, изјави главниот автор на студијата, проф. д-р. Санјеев Гупта.
Професор Гупта нагласи дека за да се поддржи оваа теза со поконкретни податоци, потребно е да се направат понапредни геолошки студии на дното од теснецот Довер, низ кој минува една од најинтензивните линии на транспортни бродови во светот.
Резултатите од истражувањето се објавени во списанието „Нејчар комјуникејшнс“ (Nature Communications).