Övünç Kutlu
31 Март 2023•Ажурирај: 03 Април 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Американскиот производител на автомобили „Форд“ објави дека склучил договор со две компании во Азија за унапредување на производството на никел, со цел да се помогне производството на батерии за електрични возила да стане подостапно, пренесува Анадолу.
Проектот за никел, кој беше направен со PT Vale Indonesia Tbk и кинеската Zhejiang Huayou Cobalt Co., има цел годишно да произведе до 120 килотони никел во форма на „мешан талог од хидроксид“, што е никелов производ со пониска цена на чинење што се користи во батериите за електричните возила.
Комерцијалните активности би требало да започнат во 2026 година бидејќи производителите на автомобили се вклучуваат во трката за брзо префрлање на електрични возила.
Договорот, исто така, има цел да ја зголеми индустријата за производство на електрични возила во Индонезија и да го поддржи планот на „Форд“ да испорача два милиона електрични возила до крајот на 2026 година.
„Оваа рамка му дава на 'Форд' директна контрола да го набавува никелот што ни е потребен на еден од најевтините начини во индустријата и ни овозможува да се осигуриме дека никелот се ископува во согласност со целите на нашата компанија за одржливост“, истакна Лиза Дрејк, потпретседателка за индустријализација на електрични возила од моделот „Форд“.
Никелот, еден од клучните минерали заедно со бакарот, литиумот и кобалтот, се смета за редок елемент и за суштинска компонента во многу брзорастечки технологии за чиста енергија, од турбини на ветер до електрични возила, според Меѓународната агенција за енергија.