Abdulkadir Günyol, Tolga Yanık
23 Септември 2021•Ажурирај: 24 Септември 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - Селчук Бајрактар, претседателот на ТЕХНОФЕСТ зборувајќи за новите проекти на компанијата „Бајкар“ рече дека „Бајрактар TБ3“ ќе го изврши својот прв лет во 2022 година, јавува Агенција Анадолија (АА).
Селчук Бајрактар, претседател на одборот на доверители Фондацијата Т3 и претседател на Управниот одбор на ТЕХНОФЕСТ направи презентација на Меѓународниот самит за иницијативи „Take Off“, што оваа година се одржа по третпат, како дел од Фестивалот за воздухопловство и технологија ТЕХНОФЕСТ.
Бајрактар, кој направи визуелна презентација за беспилотните воздушни системи развиени од компанијата „Бајкар“, рече:
„Кога тргнавме да го произведуваме ова, во Турција постоеше сфаќање дека ‘ние ова може да го купиме‘ само однадвор. Ако ја земеме во предвид одбранбената индустрија, во голем обем, во голема мера, повеќе од 85 проценти зависевме од странство. Дефинитивно сакаме да ги поседуваме правата на интелектуална сопственост и дизајн, и да биде оригинален.“
Нагласувајќи дека минуваат низ период на нови трансформации, Бајрактар рече: „Јас ова го споредувам со брановите за сурфање. Значи, кога бранот се крева, ако останете пред тој бран, тоа ќе биде секогаш во ваша корист. Ете, нашата приказна за беспилотните летала е таква. Така, пријатели, ви советувам да се фокусирате на идните трендови, а не на денешните трки или завршените трки. Кога го изградивме тој мал двометарски авион, уште од првиот ден рековме - ако сме национални и оригинални, ако ги почитуваме етиката и моралот, и ако се фокусираме на трендот на иднината, нема причина да не го направиме најдоброто во светот. Отсекогаш верувавме во тоа и работев на тој начин.“
- Првиот лет на „Бајрактар TБ3“ ќе се изврши во 2022 година -
Говорејќи за беспилотните воздушни системи што компанијата „Бајкар“ ги разви од минатото до денес, Бајрактар за проектите што ќе ги спроведат во наредните години рече:
„Кога ќе погледнеме во иднината, мислиме на Бајрактар ТБ3, вооружен дрон кој може да помине илјадници километри со сателитска контрола. Малку е поголем од Бајрактар ТБ2, а малку помал од Акинџи во извесна смисла. Се издвојува со неговата способност за слетување и полетување, особено на бродови со кратки писти и е единствен во светот. Зборуваме за вооружен систем на беспилотни летала кој е единствен во светот.“
„По Акинџи го развиваме нашиот воен авион без екипаж. Карактеристиката на овој воен авион без екипаж е тоа што има способност да слетува и полетува на бродови со кратки писти, исто како Бајрактар ТБ3. Сметаме дека ќе преставува револуција на главното бојно поле, во светот нема слични на него“, порача Бајрактар.
Тој изрази надеж дека „Бајрактар ТБ3“ ќе го направи својот прв лет во 2022 година. „До 2023 година имаме за цел да го реализираме проектот што го нарекуваме наш борбен систем за беспилотно летало, односно беспилотни воени авиони“, додаде тој.
- Возила на иднината, паметни летечки автомобили -
Посочувајќи дека многу големи компании работат на паметните летечки автомобили, Бајрактар рече: „Речиси 200 стартапи ги продолжуваат истражувањата во оваа област. Ги започнавме овие истражувања пред околу три години.“
„Но, се разбира, ова е платформа која треба да има многу висока безбедност и сигурност, бидејќи ќе лета со луѓе. Ова е всушност поголем дрон. Секој систем што ќе влезе во летечкиот автомобил треба да се развие 5, 10, можеби 15 години. Треба да се направат големи откритија во сите области, од технологии за батерии до компјутери со вештачка интелигенција кои интелигентно ќе го управуваат овој систем. Ние од денес се подготвуваме за утре да можеме да станеме играч на ова поле“, додаде Селчук Бајрактар, претседателот на ТЕХНОФЕСТ.