свет

Турскиот прототип на летечки автомобил сѐ поблиску до својот прв лет

„За комерцијализирање на летечкиот автомобил именуван како „Џезери“, ќе бидат потребни 10 до 15 години“, изјави Селчук Бајрактар за Anadolu Agency (АА) на Саемот за воздухопловство, вселена и технологија во Истанбул „Технофест“

Gökhan Ergöçün  | 18.09.2019 - Обновена : 20.09.2019
Турскиот прототип на летечки автомобил сѐ поблиску до својот прв лет

ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот прототип на летечки автомобил, дизајниран од турскиот производител на беспилотни летала „Бајкар“, е близу до својот прв лет, изјави директорот за технологија во компанијата, Селчук Бајрактар.

„За комерцијализирање на летечкиот автомобил именуван како „Џезери“, ќе бидат потребни 10 до 15 години“, изјави Бајрактар за Anadolu Agency (АА) на Саемот за воздухопловство, вселена и технологија во Истанбул „Технофест“.

„Тоа е еден вид голем дрон, и мора да биде доволно едноставен за да го управува кој било“, подвлече Бајрактар.

„Додека за пилоти се потребни посебни дозволи, медицински извештаи и обуки, летечкиот автомобил мора да биде и доволно паметен за да може да го користи секој“, додаде тој

„Летечкиот автомобил е тема на иднината“, рече Бајрактар и нагласи дека досега се направени неколку студии и тестирања на меѓународно ниво за летечките такси.

- „Турција треба да ја развива технологијата“ -

Во врска со „Акинџи“ - новото вооружено беспилотно летало на компанијата „Бајкар“, истакна дека во тек се тестирања и дека се очекува леталото да започне со летови во октомври.

Додаде дека компанијата „Бајкар“ ќе соработува со Украина за заедничко производство на моторите за „Акинџи“.

Бајрактар истакна дека „Технофест“, фестивал кој може слободно да го посети секој, претставува еден уникатен фестивал во светски рамки.

„Технофест не е само воздухопловно шоу или саем на технологија, туку има за цел да ја промени парадигмата во општеството од 7 до 70 години“, рече тој, и додаде дека овој фестивал ги подготвува младите за технологиите на иднината.

Нагласувајќи дека иницијативата на Турција за развој и унапредување на националната технологија треба да го мобилизира општеството, Бајрактар вели дека земјата мора да го поплочи патот за претприемачите.

„Со турскиот народ, кој се приспособува на користењето технологија, државата треба да тежнее кон што поголеми истражувања и што поголем развој“, рече Бајрактар кој е и челник на турската Фондација на технолошкиот тим.

- „Технофест“ Истанбул -

Аеродромот „Ататурк“ во Истанбул е домаќин на шестдневниот фестивал, во заедничка организација на Фондацијата на турскиот технолошки тим и Министерството за индустрија и технологија. Anadolu Agency (АА) е глобален комуникациски партнер на фестивалот.

Фестивалот може да се пофали со низа активности како авијациски шоуа, семинари, работилници, шампионат на дронови, разни натпревари и концерти.

Минатогодишниот фестивал, чиј домаќин беше новиот Аеродром Истанбул, го посетија над половина милион луѓе. Оваа година се очекува двојно поголем број, односно милион посетители.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın