Mümin Altaş
06 Декември 2016•Ажурирај: 06 Декември 2016
МОСКВА (АА) - Премиерот на Република Турција, Бинали Јилдирим, денес во Москва изјави дека со задоволство може да констатира оти постои двострана волја и одлучност за подигнување на билатералните односи меѓу Турција и Русија на соодветно ниво, како и дека сега е најважно таа волја да се претвори во дела, јавува Anadolu Agency (AA).
„Во тој контекст, нема сомнеж дека ние како премиери на две држави внимателно ќе го следиме тој процес на интензивирање на соработката“, изјави Јилдирим на заедничката прес-конференција за новинарите, организирана по неговата средба со премиерот на Русија, Дмитри Медведев во Москва.
Шефот на турската Влада, Јилдирим истакна дека Турција и Русија во изминатата година поминале низ тежок приод, но дека тензиите и проблемите се минато, и земјите сега се свртени кон иднината и соработката.
Тој посочи дека целта не е само билатералните односи да се вратат на нивото пред минатогодишното соборување на рускиот авион, туку тие односи да се подигнат на највисоко ниво.
Јилдирим рече дека со рускиот колега Медведев денес имал конструктивен разговор за сите сегменти на билатералната соработка, вклучувајќи ги секторите политика, економија, енергетика, транспорт, култура, земјоделство и други.
„Турција и Русија имаат стратешка соработка во областа на енергетиката. Имаме важни заеднички проекти за изграбда на гасовод и нуклеарни електрани“, изјави Јилдирим.
Јилдирим укажа на падот на трговската размена за 40 отсто во изминатите неколку месеци, и рече дека за остварувањето на зацртаните цели, Турција и Русија ги чека многу работа.
Шефот на турската Влада, Јилдирим изјави дека јакнењето на соработката меѓу Турција и Русија е важно за просперитетот на луѓето во двете земји, но од аспект на решавање на регионалните прашања.
„Тероризмот денес претставува закана за безбедноста на сите земји и ние ги преземаме неопходните мерки. Денес борбата против тероризмот е значително поинтензивна во однос на претходните периоди. Нашата цел е Турција и целиот регион да ги расчистиме од терористичките елементи“, изјави Јилдирим.
Тој укажа на интензивирањето на дипломатијата и контактите на воените структури меѓу Турција и Русија во последниот период, и дека Турција и Русија се согласни оти е неопходно итно да се спречи трагедијата во Алепо и во цела Сирија.
„Нашите надлежни делегации продолжуваат со состаноците. Целта на Турција во регионот е да се неутрализира заканата од ДЕАШ, ПКК, ПЈД и од другите терористички организации, и да се овозможи враќањето во домовите на бегалците што се протерани од Сирија и во најголем број се згрижени во Турција“, изјави Јилдирим.
На крајот на обраќањето пред новинарите, Јилдирим изјави дека смета оти решението на сириската криза денес е поблиску отколку вчера, и изрази надеж дека чекорите за завршување на војната ќе продолжат и во наредниот период.