Ömer Aydın
23 Април 2018•Ажурирај: 24 Април 2018
ПАРИЗ (АА) - Штрајковите на вработените во железницата и авијацијата во Франција негативно влијаат врз туризмот во земјата, како една од популарните туристички дестинации во светот, јавува Anadolu Agency (AA).
Според францускиот економски весник „Les Echos“ (Лес Ехос), загубите во секторот на туризмот за овој месец поради штрајковите на вработените во „Air France“ (Ер Франс) и Управата на француски железници (SNCF), достигнаа 20 отсто.
Има сè повеќе откажувања на превозот во подрачјата во јужна и западна Франција, а прашање е како оваа ситуација ќе се одрази на летните резервации.
По стагнација од две години, во 2018 година туристичкиот сектор повторно забележа пораст. Сепак, штрајковите и демонстрациите имаат негативно влијание врз угостителството, а многу Французи сметаат дека ќе нанесат штета и на имиџот на земјата во странство.
Одлуката дали штрајковите ќе траат и во летниот период треба да биде донесена по преговорите планирани за оваа недела.
Вработените во Управата на француски железници (SNCF), незадоволни од владините предлог-реформи, на 23 март донесоа одлука за постепен штрајк кој би можел да потрае до крајот на месец јуни. Се штрајкува во одредени денови од неделата, а дневните загуби на компанијата се проценуваат на околу 20 милиони евра.
Вработените во авиокомпанијата „Air France“ бараат подобри услови за работа и зголемување на платите за шест отсто. Откажани се околу 35 отсто авионски линии на долги релации, како и голем број летови на средни и кратки релации.
Штрајковите на овие два сектора продолжуваат денес и утре, а бидејќи се организирани во истиот период, во загуба се покрај граѓаните и туристите, како и бројни компании.
Францускиот министер за економија, Бруно Ле Мер, минатата недела соопшти дека последиците од штрајковите и демонстрациите се веќе видливи врз економските показатели, и дека ќе се одразат и на растот.