Evren Aydemir
22 Март 2017•Ажурирај: 23 Март 2017
БЕРЛИН (АА) - Поранешниот шеф на германската дипломатија, Франк Валтер Штајнмаер официјално е инаугуриран на функцијата претседател на Германија, јавува Anadolu Agеncy (AA).
Штајнмаер положи свечена заклетва пред германскиот Парламент, и така официјално стапи на функцијата претседател на државата.
На свеченоста во Бундестагот присуствуваа и германската канцеларка Ангела Меркел и досегашниот претседател на земјата, Јоахим Гаук.
Во обраќањето пред присутните, Штајнмаер се осврна и на односите меѓу Германија и Турција. Притоа истакна дека е задоволен поради намалувањето на тензиите на таа релација и порача дека мора да се заврши практиката на турските официјални претставници кои актуелните случувања ги споредуваат со неонацизам.
Штајнмаер истакна дека никој не може да негира оти Турција денес е просперитетна и значително поразлична од Турција пред три децении, кога нејзините државјани во потрага за работа масовно доаѓаа во Европа.
„Ние на Турција не гледаме со ароганција. Свесни сме дека таа е сосед со Ирак и со Сирија, во кои на сцената се длабоки кризи. Го осудуваме минатогодишниот обид за воен удар во Турција. Меѓутоа, загрижени сме да не се сруши сето ова што беше постигнато во изминатите децении. Задоволство е да се видат сигнали во правец на намалување на тензиите, но да се прекинат споредувањата со неонацизмот. Не ги прекинувајте односите со оние што сакаат партнерство со Турција. Почитувајте ја правната држава и слободата на медиумите и новинарите, и ослободете го Дениз Јуџел“, порача Штајнмаер.
Коментирајќи ги и неодамнешните избори во Холандија, Штајнмаер изјави дека е задоволство што расистичката партија не победила, но дека нема причини за отпуштање бидејќи во Германија мора да се продолжи борбата против популизмот и против некои групи што ги загрозуваат демократските вредности.
Штајнмаер изјави дека за време на мандатот работите ќе се нарекуваат со вистинското име и секогаш ќе ги штити вредностите на демократијата и проевропската политика.