Besar Ademi
06 Јули 2017•Ажурирај: 07 Јули 2017
СКОПЈЕ (АА) - Во касарната „Илинден“ во Скопје се одржа церемонијата за испраќање на контингентот на Армијата на Република Македонија (АРМ) во рамките на мултинационалната вежба „Сабер гардијан 2017“, која ќе се одржи од 23 јуни до 26 јули годинава во Романија, Унгарија и во Бугарија, јавува Anadolu Agency (AA).
Во вежбата „Saber Guardian 2017“ („Сабер гардијан 2017“) се вклучени 25 илјади припадници на вооружените сили од 20-те земји-членки на НАТО и земјите-партнери, а Македонија ќе учествува со вкупно 71 член, распоредени во Романија и во Унгарија.
Министерката за одбрана на Р. Македонија, Радмила Шекеринска, во своето обраќање до припадниците кои ќе учествуваат во оваа мултинационална вежба, рече дека ваквите вежби покажуваат колку е важна посветеноста на силите на АРМ во остварувањето на глобалниот мир и безбедноста, како и за промовирање на Македонија и на нејзините воени сили.
„Уверена сум дека заедничките вежби и обуки најмногу придонесуваат кон градењето на довербата и партнерските релации, но во истовреме придонесуваат да ги подобриме и нашите одбранбени капацитети, нашата способност да дејствуваме во различни ситуации од безбедносна природа“, изјави Шекеринска.
Во меѓувреме, американскиот амбасадор во Македонија, Џес Бејли, рече дека вежбата „Сабер гардијан“ е партнерство во акција и ова партнерство ја гради колективната безбедност на многу земји. Тој додаде дека преку ваквите вежби, САД ги зајакнуваат врските со земјите-членки на НАТО, земјите-партнери и ја потврдува континуираната посветеност за колективна одбрана на економскиот просперитет во Европа.
„Армијата на Република Македонија има одлична репутација и ние сме горди за блиската соработка меѓу нашите војски, вклучувајќи го и силното партнерство со Националната гарда на Вермонт. Ќе продолжиме да наоѓаме можности за заеднички вежби тука, во Европа и во САД, со затегнување на нашата соработка и поддржувајќи ја Македонија на патот кон членството во НАТО“, изјави Бејли.
Вежбата „Сабер гардијан 2017“, која е организирана и водена од страна на Армијата на САД во Европа, оваа година е најголемата вежба во регионот на Црното Море. Целта на вежбата е да се покаже подготвеноста на припадниците на земјите-учеснички за одговор на едно поголемо можно сценарио, a вклучува компјутерски поддржани вежби, теренска обука и боеви гаѓања.